Христодулидис: Историска одлуката на САД за вклучување на Кипар во одбранбени програми
- Одлуката на претседателот на САД Џо Бајден, претставува разврска од историска важност, бидејќи Република Кипар е избрана да добива одбранбена опрема, набавки и услуги преку стратешките програми како што се „Foreign Military Sales“, „Excess Defense Articles divestment program“ и други програми за воена помош, напиша кипарскиот претседател Никос Христодулидис на социјалните мрежи за одлуката на Вашингтон за вклучување на Никозија во одбранбени програми, јави дописничката на МИА од Атина.

Никозија, 16 јануари 2025 (МИА) – Одлуката на претседателот на САД Џо Бајден, претставува разврска од историска важност, бидејќи Република Кипар е избрана да добива одбранбена опрема, набавки и услуги преку стратешките програми како што се „Foreign Military Sales“, „Excess Defense Articles divestment program“ и други програми за воена помош, напиша кипарскиот претседател Никос Христодулидис на социјалните мрежи за одлуката на Вашингтон за вклучување на Никозија во одбранбени програми, јави дописничката на МИА од Атина.
Христодулидис додаде дека одлуката „ги одразува резултатите од јасната политика и ориентација на Владата, која дава значителни и опипливи придобивки на дипломатско и одбранбено ниво“.
Од кабинетот на претседателот на Република Кипар соопштија дека за конкретната одлука било разговарано на средбата на Христодулидис со Бајден во Белата куќа во октомври минатата година и „означува уште една историска пресвртница во билатералните односи меѓу Кипар и САД“.
- Паралелно, претставува јасно признавање на Република Кипар како клучен столб на стабилноста и безбедноста во Источниот Медитеран, со можност дополнително да придонесе за мирот и управувањето со хуманитарните предизвици, соопштија од кабинетот на Христодулидис.
Во однос на одбранбените програми, објаснија дека вклучувањето на Кипар во „Excess Defense Articles“ нуди можност за набавка на одбранбена опрема од вишокот американски материјал или преку донации или по особено ниска цена, учеството во „Foreign Military Sales“ овозможува директна набавка на одбранбена опрема од Владата на САД, додека програмите „Title 10“ ја зајакнуваат поддршката на капацитетите на земјата преку обезбедување обука и опрема, главно во однос на безбедноста на копнените и поморските граници.
- Оваа одлука значително ја надградува билатералната одбранбена соработка, консолидирајќи ја позицијата на Кипар како кредибилен регионален партнер, а во исто време придонесува во надградбата на одбранбената заштита и способноста за одвраќање на нашата земја и модернизација на програмата за вооружување на Националната гарда. Оваа стратешка соработка ја зајакнува улогата на Република Кипар како темел на безбедноста, стабилноста и дипломатското влијание во регионот, а паралелно ја истакнува политичката стабилност и меѓународниот кредибилитет на Кипар, истакнаа во соопштението од Претседателската палата. ср/рп/