• понеделник, 25 ноември 2024

ХРВ: Меѓународната заедница да се потруди Израел да ги почитува одлуките на МСП

ХРВ: Меѓународната заедница да се потруди Израел да ги почитува одлуките на МСП

Женева, 11 јануари 2024 (МИА) - Извршната директорка на Хјуман Рајтс Воч (ХРВ), Тирана Хасан, изјави денеска дека меѓународната заедница мора да се погрижи Израел да се усогласи со пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг и ја пофали Јужна Африка за почнувањето постапка за наводен геноцид во Појасот Газа.

-Доколку Израел не ги почитува мерките или пресудата на судот, тогаш на меѓународната заедница е да обезбеди притисок за да се охрабри Израел навистина да ги спроведе мерките, изјави Хасан, пренесоа британските медиуми.

Таа додаде дека од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври се случува „флагрантно кршење на меѓународното хуманитарно право“.

-Успеавме да ги документираме елементите на едно злосторство - злосторството со гладување, изјави Хасан.

Според неа, израелските власти не се откажале од „методот на гладување“ и по соопштението на ХРВ.

Јужна Африка денеска на отворањето на сослушувањето пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во врска со тврдењето на земјата против Израел за наводниот геноцид во Појасот Газа, изјави дека Израел го подложува палестинскиот народ на апартхејд и геноцид.

Јужна Африка тврди дека Израел го прекршил членот 2 од Конвенцијата за геноцид на Обединетите нации од 1948 година со тоа што извршил дела кои потпаѓаат под дефиницијата за геноцид.

-Активностите на Израел покажуваат шема на систематско однесување од кое може да се заклучи дека се работи за геноцид, изјави адвокатот на Врховниот суд на Јужна Африка, Адила Хасим и побара итно прекинување на воената кампања на Израел во Појасот Газа.

Израел утре ќе добие можност го изнесе својот одговор пред судот. сд/

Остани поврзан