• среда, 09 октомври 2024

Хрватите Хузјак и олимпијката Милобабиќ се победници во сениорска конкуренција на Меѓународниот турнир во пинг понг Зегин Опен

Хрватите Хузјак и олимпијката Милобабиќ се победници во сениорска конкуренција на Меѓународниот турнир во пинг понг Зегин Опен

Берово, 15 септември 2024 (МИА) - Хрватите Јосип Хузјак и Ивана Милобабиќ се победници во сениорска конкуренција на Меѓународниот турнир во пинг понг Зегин Опен кој од 14 до 16 септември се одржува во Берово. Милобабиќ на турнирот во Берово доаѓа по неодамнешното учество на Олимписките игри во Париз, Франција и е една од најеминентните пингпонгарски имиња кои настапиле на традиционалниот турнир кој трета година по ред се одржува во Малешевијата.

-Прв пат сум во Македонија и Берово, каде има многу енергија во спортската сала. Имав убав дочек, што дополнително придонесе да го освојам турнирот. Што се однесува до моето учество на Олимпијадата, тоа е награда за најдобрите спортисти и драго ми е што јас успеав да бидат таму, истакна Милобабиќ.

Им порача и на останатите играчи од Балканот и пошироко наредната година задолжително да дојдат на турнирот во Берово.

Исто како и својата колешка и победникот во машка конкуренција Хузјак е за прв пат во Берово.

-Јас долги години играм во Германија и на затоа сум претставник на оваа земја. За турнирот се најдобро, навистина убав турнир кој заслужува да се дојде и догодина, додаде Хузјак.

Турнирот беше инспирација и за претставникот на Киргистан, Сапарбаев, кој помина илјадници километри со автомобил за да учествува на Меѓународниот настан.

-Ја знам Македонија и затоа дојдов на турнирот во Берово со автомобил патувајќи 6.000 километри. Луѓето се пријатни, наградите се убави и се најубаво на организаторите им посакувам во иднина, истакна киргистанецот.

Денес турнирот продолжува со натпреварите во младинска категорија кои ќе поделат дел од наградниот колач вреден 12.000 евра. вс/вј/

 

Фото: МИА

Остани поврзан