Хонг Конг ги затвора училиштата и фабриките поради супертајфунот Рагаса, откажани 700 летови
- Рагаса, со ветрови до 220 километри на час, се приближува кон јужната кинеска покраина Гуангдонг, соопшти Хонгконгшката опсерваторија, која планира да го подигне предупредувањето за тајфунот на ниво 8, трето највисоко.
Хонг Конг, 23 септември 2025 (МИА) - Хонг Конг денеска се подготвува за супертајфунот Рагаса, најсилниот тропски тајфун во светот годинава, што ги затвори училиштата и откажа околу 700 летови.
Рагаса, со ветрови до 220 километри на час, се приближува кон јужната кинеска покраина Гуангдонг, соопшти Хонгконгшката опсерваторија, која планира да го подигне предупредувањето за тајфунот на ниво 8, трето највисоко. Се очекуваат ветрови со сила на ураган и обилни дождови, а нивото на морето ќе се искачи до пет метри, што е споредливо со разорните тајфуни Хато во 2017 година и Мангхут во 2018 година.
Властите им поделиле вреќи со песок на жителите, а граѓаните складирале храна, што предизвикало брзо празнење на полиците во супермаркетите и нагло зголемување на цените на зеленчукот.
Берзата во Хонг Конг ќе остане отворена и покрај бурата.
Рагаса вчера ги погоди северните делови на Филипини, каде што властите ги ставија агенциите во целосна готовност.
Кинеските власти во Гуангдонг и другите јужни провинции активираа мерки за заштита од поплави, додека Макао и Шенжен ги затворија училиштата и подготвија засолништа. Тајван евакуираше повеќе од 6.000 луѓе од загрозените подрачја.сд/
фото:ЕПА