• петок, 22 ноември 2024

Ховениер: САД се загрижени поради некооперативноста на косовската Влада

Ховениер: САД се загрижени поради некооперативноста на косовската Влада

Приштина, 30 јуни 2023 (МИА) – Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер изјави дека Вашингтон е многу загрижен поради фактот дека косовската Влада не презема конкретни чекори за деескалација на состојбите на северот на земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за телевизијата Клан Косово, Ховениер рече дека косовскиот премиер Албин Курти треба да започне со спроведување на планот од три точки, предложен од Европската унија, за излез од напнатата ситуација во косовскиот север, населен со мнозинско српско население.

- Пријателите на Косово, земјите и институциите кои одиграле најголема улога во поддршката на Косово на неговиот пат, сите тие бараат од Косово, од оваа Влада, да преземе одредени дејствија и да го спроведе планот од три точки на ЕУ, рече Ховениер.

Брисел со споменатиот план бара од Приштина смирување на тензиите на север, одржување нови градоначалнички избори во четирите општини со мнозинско српско население и враќање на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, со посредство на ЕУ.

Американскиот амбасадор изјави дека е зачудувачки тоа што нема позитивен одговор од косовската Влада на барањата на меѓународната заедница.

- Зачудени сме. Тешко ни е да сфатиме зошто ова барање не добива позитивен одговор, а и не се чини дека ќе добие, рече Ховениер.

Тој не ја исклучи можноста од нови последици по Косово, откако неговата војска беше исклучена од воената вежба „Бранител Европа 2023“, доколку Владата на Курти не одговори на барањата на меѓунаордните партнери.

- Јасно е дека ќе има некои други последици доколку се продолжи по овој пат, односно Владата на Косово не одговори на барањата на сите негови пријатели, на сите држави кои во минатите две децении покажаа посветеност за да го видат Косово како го зазема своето место во Европа и во евроатлантските структури, рече Ховениер.

Тој ги отфрли критиките дека САД се покажуваат построги кон Косово одошто кон Србија, нагласувајќи дека и од Србија се бара да го спроведе планот на ЕУ за смирување на состојбите во северно Косово.

Наспроти несогласувањата, рече американскиот амбасадор, САД го сметаат премиерот Курти за свој сојузник, но очекуваат од него конкретно дејствување за средување на состојбите.

Курти треба да работи во правец на смирување на тензиите и на организирањето нови избори во четирите северни општини – Северна Митровица, Звечане, Зубин Поток и Лепосавиќ, рече Ховениер во интервјуто за Клан Косово. иа/ми/

фото: Клан Косово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан