• четврток, 22 август 2024

Ховениер: Предизвиците со Владата на Курти се одразија на квалитетот на односите меѓу САД и Косово

Ховениер: Предизвиците со Владата на Курти се одразија на квалитетот на односите меѓу САД и Косово

Приштина, 20 август 2024 (МИА) – Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер изјави дека САД остануваат посветени на помагањето на народот на Косово, и покрај „предизвикувачките“ дејствија на владата предводена од премиерот Албин Курти, кои, според него, „се одразиja на квалитетот на односите меѓу Косово и САД“, јави дописникот на МИА од Приштина.

По денешното потпишување на договорот за грант од 34,5 милиони долари за Косово од американската Агенција за меѓународен развој УСАИД, Ховениер во обраќање пред медиумите побара Владата на Курти да се врати на конструктивниот дијалог со САД и другите меѓународни партнери.

„Многумина од вас го видоа извештајот во медиумите за разликите меѓу САД и другите членови на меѓународната заедница со Владата на Косово во врска со некои дејствија што ги презема актуелната влада на премиерот Курти. Се соочуваме со одредени предизвици со актуелната влада на Косово кои се одразија на квалитетот на нашето партнерство. Како што порача и портпаролот на Стејт департментот претходно, владата на САД се надева дека Владата на Косово ќе се врати на тесен и конструктивен ангажман со САД, ЕУ, НАТО и другите меѓународни партнери на Косово“, рече Ховениер.

Тој напомена дека, иако соработката во некои области со актуелната Влада на Косово останува помалку позитивна отколку што се надеваа, „посветеноста на САД кон народот на Косово останува силна и цврста како што била секогаш“.

Потврда за тоа, рече американскиот амбасадор, е денеска потпишаниот договор од страна на УСАИД и претседателката на Косово, Вјоса Османи.

На плановите на Владата на Курти за отворање на мостот на реката Ибер и за автомобили, освен за пешаци, како што е моментно, се спротивставија Ховениер и други амбасадори на земјите од групата Квинта, како и Европската унија и мисијата на НАТО во Косово, КФОР.

Во интервју за Радио Слободна Европа Ховениер минатата недела рече дека постои реален ризик поврзан со отворањето на мостот во Митровица во овој момент, што може да влијае на безбедноста на војниците на НАТО, вклучително и на американските.

„Веруваме дека овој ризик ја зголемува заканата, можноста за насилство и други проблеми, како за локалната заедница, така и за војниците на НАТО, вклучително и американските војници кои работат на обезбедување мир и безбедност на Косово. Ние многу сериозно ја сфаќаме секоја акција што може да влијае на безбедноста и заштитата на американските војници кои работат на поддршка на Косово“, рече американскиот амбасадор. иа/рп/

 

Остани поврзан