• петок, 22 ноември 2024

Ховениер: Одлуките на Курти за српскиот динар ќе влијаат на квалитетот на односите меѓу САД и Косово

Ховениер: Одлуките на Курти за српскиот динар ќе влијаат на квалитетот на односите меѓу САД и Косово

Приштина, 5 февруари 2024 (МИА) – Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер денеска го повтори барањето до Владата на Косово да го одложи спроведувањето на регулативата на Централната банка на Косово (ЦБК) за забрана за употреба на српскиот динар во земја за готовински плаќања, јавува дописникот на МИА од Приштина.

Во изјава за медиумите по средбата со премиерот Албин Курти, вицепремиерот Бесник Бислими и министерот за финансии Хекуран Мурати, на која беше придружуван од амбасадорите на земјите од групата КВИНТ – која, покрај САД ја сочинуваат уште Франција, Германија, Велика Британија и Италија, Ховениер рече дека САД се загрижени дека спроведувањето на регулативата на ЦБК неправедно ќе ги погоди малцинските заедници, пред се српската етничка заедница.

Ховениер додаде и дека САД поддржуваат иницијативи за спречување финансиски криминал и перење пари, но нагласи дека треба да има одложување на имплементацијата на Регулативата за ЦБК.

Според него, оваа регулатива влијае на квалитетот на животот на српската заедница, додавајќи дека очекуваат Владата во ова прашање да биде партнер на САД.

Американскиот дипломат истакна дека доколку Владата на Курти одлучи поинаку, тоа ќе има влијание врз квалитетот на партнерството меѓу Косово и САД.

- Ѝ оставам на Владата да се преиспита како ќе ја спроведува оваа Регулатива. Можам да кажам дека барањето на САД е ова да се одложи. Има уште многу работа до нејзиното спроведување. Владата зборуваше за транзициски период и се надеваме дека оваа транзиција ќе ја земе предвид загриженоста за ова прашање. Веруваме дека Владата ќе биде наш партнер во ова прашање. Ако таа одлучи поинаку, тоа ќе има влијание врз квалитетот на нашето партнерство, рече тој. иа/паг/

Остани поврзан