• петок, 22 ноември 2024

Ховениер: Акцијата на косовската полиција во Поштанска штедилница не била координирана со партнери

Ховениер: Акцијата на косовската полиција во Поштанска штедилница не била координирана со партнери

Приштина, 21 мај 2024 (МИА) - Американскиот амбасадор во Приштина, Џеф Ховениер денеска изјави дека полициската операција во филијали на Поштенската штедилница на Србија вчера на северот на Косово не била координирана со меѓународните партнери.

-Таа операција ја зголеми тензијата и ја поткопа перцепцијата за добрата волја на Косово за решавање на отворените прашања со Србија преку дијалог предводен од ЕУ, рече Ховениер, повторувајќи го ставот на американскиот Стејт департмент.

Тој додаде дека „американската Влада постојано повикува на координација на нашите влади за поддршка на напредокот на Косово на евроатлантскиот пат, а последен пат тоа го направи потсекретарот Елизабет Ален на средбата со премиерот Курти на 19 мај“.

Американскиот амбасадор изјави дека вчера немало владина координација и дека САД се загрижени и ја повикуваат Владата на Косово да се врати на дијалогот и да одговори на „основните потреби на сите нејзини граѓани, особено на оние кои се директно засегнати од одлуката на Централната банка на Косово да ја прекине употребата на динарите.

КФОР бил информиран за таа акција непосредно пред почетокот на упадот на косовската полиција во филијали на банката Поштанска Штедилница во четири општини на северот на Косово соопшти денеска мисијата.

Како што наведува мисијата во соопштението, припадници на КФОР не биле вклучени во таа акција.

-Мисијата очекува навремени консултации за секоја акција на косовската полиција или КБС што може да влијае на регионалната безбедност. КФОР продолжува да го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ...неопходно за напредок на дипломатијата, се додава во соопштението. мс/

фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан