• понеделник, 23 декември 2024

Хикмете Бајрами: Владата на Курти ги штити корумпираните, а ги прогонува новинарите

Хикмете Бајрами: Владата на Курти ги штити корумпираните, а ги прогонува новинарите

Приштина, 25 октомври 2024 (МИА) – Потпретседателката и пратеничка на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Хикмете Бајрами оцени дека, со следењето на новинари од страна на агенти на Косовската агенција за разузнавање (АКИ), Владата на Албин Курти ја достигна „најниската точка на деморкатијата во земјата“, јави дописникот на МИА од Приштина.

По информацијата дека Здружението на новинари на Косово вчера испратило писмо до главниот обвинител на Основното обвинителство на Приштина, барајќи појаснување во врска со истрагите против новинарите Берат Бужала, Вехби Кајтази и Лирим Мехметај, Бајрами на својата страница на Фејсбук напиша дека, додека ги прогонува новинарите, Владата на Курти ги штити корумпираните.

„Како е можно 25 години по војната, 16 години по независноста, виталните институции како АКИ да бидат задолжени за прогонување на албански новинари?! (И тоа е направено) само затоа што ја откриваат координацијата на власта со (Милан) Радоичиќ, затоа што го откриваат водењето на највиталните ресори на власта од пара-политичката канцеларија на ВВ (партијата Движење Самопределување на Курти)... затоа што успеваат да откријат непотизам и многу други злоупотреби во институциите“, напиша Бајрами.

Ова, според неа, „не е само обид за прогон на тројцата новинари, туку обид да се замолчи секој критички глас и да се внесе земјата во целосен авторитаризам“.

„Да не заборавиме дека Курти и неговата клика денес ги прогонуваат новинарите, утре ја прогонуваат опозицијата и задутре секој граѓанин кој има храброст да каже вистина која не му одговара на Курти... Згора на тоа, инструментализацијата на државните институции за ниски политичко-партиски сметки е опасност за демократијата. Овој феномен не смееме и не треба да дозволиме да стане норма“, напиша Бајрами, апелирајќи до „сите мажи и жени кои работат во институциите да ѝ служат на државата, а не на политичките партии“.иа/

Остани поврзан