Херцог ја поздравува „историската“ одлука на Трамп за напад врз нуклеарните објекти на Иран
- Израелскиот претседател Исак Херцог ја поздрави одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за напад врз нуклеарните објекти на Иран, велејќи дека „историската одлука“ би можела „јасно да го промени текот на Блискиот Исток кон многу подобра иднина“.
Тел Авив, 22 јуни 2025 (МИА) - Израелскиот претседател Исак Херцог ја поздрави одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за напад врз нуклеарните објекти на Иран, велејќи дека „историската одлука“ би можела „јасно да го промени текот на Блискиот Исток кон многу подобра иднина“.
Во разговор за Си-Ен-Ен, Херцог не кажа дека нуклеарната програма на Иран е целосно уништена, но рече дека е „многу лошо погодена“ од израелските и американските напади, објави „Тајмс оф Израел“.
Херцог повтори дека промената на режимот „воопшто не е официјална цел на оваа војна“, но дека тоа би бил „многу пожелен несакан ефект“. Тој изрази надеж дека американскиот напад ќе создаде можност за мир во регионот, вклучително и меѓу Израел и Палестинците.
Трамп рано утрово објави дека САД синоќа нападнале три објекти за збогатување ураниум во Иран и дека сите три објекти се целосно уништени. Тој рече дека тоа е „спектакуларен воен успех“.
Нуклеарните објекти што беа цел на американските бомбардери синоќа беа Фордо, Натанц и Исфахан. мс/
фото: ЕПА