• петок, 22 ноември 2024

ХЕРА: Владата да ги гарантира здравствените услуги на бремените жени

ХЕРА: Владата да ги гарантира здравствените услуги на бремените жени
Скопје, 8 април 2020 (МИА) - ХЕРА упати порака до Владата на Република Северна Македонија дека потребите на жените поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје не треба во ниту еден момент да бидат запоставени, а особено не во време на пандемската криза со КОВИД-19. -Кај бремените жени и новороденчињата се случуваат низа физички промени и промени во развојот на фетусот, што ги прави особено ранливи на вирусни респираторни инфекции како што е и КОВИД-19. Затоа на бремените, без разлика дали се сомнителни или се инфицирани со КОВИД-19 не смее да им биде отежнат пристапот до неопходна медицинска поддршка, велат од ХЕРА. Од здружението предупредуваат дека непристапноста или затворањето на родилиштата може да доведе до зголемување на мајчината смртност, што веќе се случува во некои региони во светот погодени од пандемијата. -Затворањето на училиштата често доведува до зголемена сексуална активност кај младите, а доколку постои недостиг на кондоми и модерна контрацепција се зголемуваат и можностите за адолесцентни бремености, што понатаму би довело до осипување на девојчињата од образовниот систем и негативно би влијаело врз нивниот натамошен развој и живот, потенцираат од ХЕРА. Од здружението ја повикуваат Владата да ги гарантира основните и животоспасувачки услуги за сексуално и репродуктивно здравје во услови на хуманитарна криза – онака како што се дефинирани од страна на голем број меѓународни здравствени агенции, ООН и научната фела. Од ХЕРА потенцираат дека буџетите за финансирање на услугите за репродуктивно и сексуално здравје не смее да бидат намалени или стопирани. -Граѓанските организации кои обезбедуваат услуги на терен за ХИВ и за репродуктивно здравје за маргинализираните групи треба да продолжат со работа со цел да се гарантира континуитет во комуникацијата и во поддршката на заедниците за услугите кои им се потребни, вклучувајќи и кондоми и лубриканти за превенција од непланирана бременост, ХИВ и сексуално преносливи инфекции, истакнуваат од ХЕРА. ир/са/

Остани поврзан