• среда, 05 февруари 2025

Хенес: Отпуштањето на Нагелсман беше голема грешка

Хенес: Отпуштањето на Нагелсман беше голема грешка

Минхен, 4 февруари 2025 (МИА) - Почесниот претседател на Баерн Минхен, Ули Хенес, изрази жалење поради отпуштањето на Јулијан Нагелсман во март 2023 година, откако смета дека клубот донел избрзана одлука.

-Управниот одбор не се согласи со оваа одлука. Ситуацијата не беше катастрофална - сепак можевме да ја освоиме тројната круна. Мислам дека доколку клубот покажеше повеќе трпение, ќе бевме сведоци на подобар развој на работите, изјави Хенес.

Нагелсман помина помалку од две сезони на чело на Баерн, освојувајќи ја Бундеслигата и Купот на Германија во својата прва кампања. Сепак, тој беше ослободен во март 2023 година, а неколку месеци подоцна стана селектор на репрезентацијата на Германија.

Хенес, исто така, истакна дека очекувањата за Баерн често се неразумно високи:

-Сите муабети за освојување на тројната круна се глупости. Најважно е да ја освоиме титулата во Бундеслигата. Погледнете го Дортмунд - тие се напред во Лигата на шампионите, но никој не зборува за тоа бидејќи заостануваат 22 бода во домашната лига. За мене домашниот шампионат е показател за сите работи, додаде баварската легенда.

Се чини дека стабилноста на Баерн е вратена по турбулентните неколку години, но дебатата околу менаџерските одлуки на клубот продолжува. дс

Фото: Архива

Остани поврзан