• недела, 22 декември 2024

Хелсиншки комитет: Неопходно е инкриминирање на фемицидот во Кривичниот законик

Хелсиншки комитет: Неопходно е инкриминирање на фемицидот во Кривичниот законик
Скопје, 21 април 2021 (МИА) - Потребни се итни измени на Кривичниот закон во насока на негово усогласување со Истанбулската конвенција односно инкриминирање на различните форми на родово базирано насилство, вклучувајќи го и фемицидот како најтешка форма на родово базирано насилство врз жената, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права, како реакција по вчерашното убиство на жена во Струга од страна на нејзиниот сопруг. Убиството на жена затоа што е жена, односно фемицидот, велат од Хелсиншкиот комитет, претставува најтешка форма на насилство врз жената и е една од водечките причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво. -Најчесто е предизвикано од страна на лице со кое жртвата е во партнерски однос. Имајќи предвид дека фемицидите не се ретка појава, а во нашата земја најчесто се резултат на непријавување на семејното насилство или на несоодветно постапување на релевантните институции, потребно е да се утврди дали на овој случај му претходеле пријави за семејно насилство од страна на жртвата и дали службените лица соодветно постапувале по тие пријави, се наведува во соопштението од Хелсиншкит комитет. Оттаму потсетуваат дека во јануари годинава Собранието на РСМ го донесе новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, кој ќе започне да се применува од 6 мај годинава. -Овој закон претставува еден од клучните закони кој беше предвиден со Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската конвенција 2018-2023. Она што се очекува со донесувањето на овој закон е дека значително ќе се подобри институционалната и сеопфатна поддршка на жртвите на родово базирано насилство. Оттука, потребни се итни измени на Кривичниот закон во насока на негово усогласување со Истанбулската конвенција односно инкриминирање на различните форми на родово базирано насилство, вклучувајќи го и фемицидот како најтешка форма на родово базирано насилство врз жената, нагласуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права. сст/са/   .  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан