• недела, 22 декември 2024

Хасани од албанската опозиција: ДУИ ги злоупотребува европските интеграции за остварување на лични бизнис интереси

Хасани од албанската опозиција: ДУИ ги злоупотребува европските интеграции за остварување на лични бизнис интереси

Скопје, 31 октомври 2023 (МИА) - Измените на Кривичниот законик кои овозможија амнестија за многу поранешни функционери преку злоупотреба на ЕУ знаме е најдобра потврда дека ДУИ ги злоупотребува европските интеграции како параван за остварување на лични бизнис и тесно партиски интереси, истакна на денешната прес-сконференција Башким Хасани од Албанскиот опозициски фронт - Демократско Движење, Алтернатива и Движење Беса.

-Албанците никогаш нема да им го простат ова кокетирање на ДУИ со Никола Груевски кој на нашиот народ му нанесе големо зло. На изборите кога и да се одржат следи казна за ДУИ, рече тој.

Албанските партии од опозицискиот фронт ја поздравуваат посетата на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен која, како што рекоа, ги вложува сите напори за забрзување на целосната интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

-Со особено внимание ги слушнавме нејзините пораки за неопходноста од коренити внатрешни реформи во сите сфери, со фокус на справување со високата корупција. Во целина ги делиме нејзините препораки. Впрочем, тоа се и нашите заложби кои ги повторуваме во континуитет и за кои нудиме ефикасни решенија и политики, рече тој.

Хасани истакна дека „најголемиот проблем за нашето полноправно членство во ЕУ седи во објектот на Владата“.

-Денес сме овде пред Владата, бидејќи знаеме дека најголемиот проблем за нашето полноправно членство во ЕУ, седи овде, во овој објект. Затоа, денес ја користиме приликата да ги поставиме следните прашања: Дали и кажавте на г-ѓа Фон дер Лајен за авантурата за враќање на Груевски? И објаснивте ли дека главната лажна надеж за ЕУ стана политичарот кој најмногу ја оддалечи земјата од ЕУ додека беше премиер? Дали и објаснивте дека всушност ДУИ е откажан од уставните измени? Дали и кажавте дека единствениот фокус на ДУИ е преку враќањето на Груевски да се обиде да обезбеди пазар со ВМРО-ДПМНЕ каде на маса ги става и пратениците на СДСМ? Дали дозна г-ѓа Фон дер Лајен дека ДУИ бара концентрациона Влада после парламентарните избори за да го зачува нелегално стекнатиот капитал?, праша Хасани.фф/дма/

Фото: Демократско движење

Остани поврзан