Хамас ја нарече „воено злосторство“ и „евтина уцена“ одлуката на Нетанјаху да го блокира доставувањето хуманитарна помош за Газа
- Радикалното палестинско движење Хамас ја нарече „воено злосторство“ и „евтина уцена“ денешната одлука на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го прекине доставувањето хуманитарна помош за Појасот Газа, пренесоа светските агенции.

Газа, 2 март 2025 (МИА) - Радикалното палестинско движење Хамас ја нарече „воено злосторство“ и „евтина уцена“ денешната одлука на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го прекине доставувањето хуманитарна помош за Појасот Газа, пренесоа светските агенции.
Во официјалното соопштение на исламистичкото движење, кое ја започна војната во Газа со невиден прекуграничен напад врз Израел на 7 октомври 2023 година, се наведува и дека Нетанјаху го саботирал договорот за прекин на огнот.
Хамас ги повика посредниците да го принудат Израел да ги укине казнените мерки против населението во Појасот Газа.
Првата фаза од примирјето меѓу Израел и Хамас стапи на сила на 19 јануари и заврши синоќа.
Хамас објави дека не е постигнат напредок во преговорите во египетската престолнина Каиро за втората фаза од прекинот на огнот.
Израел го прифати планот на американскиот специјален пратеник за Блискиот Исток, Стивен Виткоф, според кој прекинот на огнот треба да продолжи за време на Рамазан и Пасха, при што ќе бидат ослободени најмалку половина од заложниците кои останаа во заробеништво на Хамас.
Нетанјаху, исто така, се закани со „натамошни последици“ по прекинот на пристапот до хуманитарната помош за населението во Газа. рп/
Фото: МИА архива