• петок, 22 ноември 2024

Хамас тврди дека најголемата болница во Газа е под контрола на израелските сили

Хамас тврди дека најголемата болница во Газа е под контрола на израелските сили

Газа, 15 ноември 2023 (МИА) - Палестинската милитантна група Хамас тврди дека најголемата болница во Газа, Ал Шифа, сега е под контрола на израелските сили. 

Израелските одбранбени сили (ИДФ) рано утринава почнаа напад врз Ал Шифа, откако го обвинија Хамас дека оперира од тунелите под огромниот болнички комплекс, што милитантната група и болничките службеници постојано силно го негираа, јави Си-Ен-Ен. 

„Израелската окупација ја сметаме за целосно одговорна за животите и безбедноста на медицинскиот персонал, ранетите, болните, предвремено родените деца и раселените лица“, соопшти прес канцеларијата на Хамас.

Лекарот Калед Абу Самра изјави дека рано утринава добиле предупредување само 30 минути пред почетокот на израелската операција во болничкиот комплекс. 

-Тие побараа да се држиме подалеку од прозорците и балконите, а сега слушаме оклопни возила, кои се многу блиску до влезот во комплексот, рече тој. 

Новинарот Кадер Ал Заноун утринава информираше дека израелските тенкови и воените возила се во дворот на болницата и додаде дека израелските војници „спроведуваат операции за пребарување на зградите и одделенијата во услови на интензивни пукотници во болницата, како и дека користат мегафони за да бараат од младите мажи во болницата да ги кренат рацете, да излезат и да се предадат“.

Портпаролот на израелската армија Питер Лернер изјави дека ИДФ ги известила болничките администратори, пациентите и цивилите да се засолнат. 

-Имаме намера да спроведеме воена операција за да направиме разлика помеѓу цивили и терористи, кажал портпаролот.

Прес канцеларијата на владата на Газа забележува дека припадниците на официјалните израелски сили во болницата Ал Шифа малтретирале болни, ранети и раселени, а нападнале и дел од медицинскиот персонал. 

Според оваа владина служба, израелските војници тепале луѓе во болницата и ги принудувале да се соблечат, притоа навредувајќи ги и пцуејќи, пренесе „Ал Џезира“. 

„Побараа и медицинските работници да ги напуштат местата, за да ги сослушаат под закана со пиштол“, соопштија од прес канцеларијата.  сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан