• понеделник, 16 декември 2024

Хамас со честитки за Сиријците за соборувањето на режимот на Асад

Хамас со честитки за Сиријците за соборувањето на режимот на Асад

Газа, 9 декември 2024 (МИА) - Палестинското движење Хамас ги поздрави Сиријците за „остварувањето на нивните стремежи за слобода и правда“ по соборувањето на претседателот Башар ал-Асад.

Ова беше првиот јавен коментар на Хамас откако бунтовниците вчера го освоија главниот град Дамаск, што го принуди Асад да избега во Русија по 13-годишна граѓанска војна и шест децении автократско владеење на неговото семејство.

„Цврсто стоиме со големиот народ на Сирија […] и ја почитуваме волјата, независноста и политичките избори на сирискиот народ“, се наведува во соопштението на Хамас.

Хамас изрази надеж дека пост-Асадовата Сирија ќе продолжи да ја има „историската и клучна улога во поддршката на палестинскиот народ“.

Зијад ал-Нахала, лидерот на Исламскиот џихад, сојузник на Хамас, во посебно соопштение го изрази истото чувство. „Исламски џихад се надева дека Сирија ќе остане вистинска поддршка за палестинскиот народ и нивната праведна кауза, како што отсекогаш била“, посочи Нахала.

Хамас јавно го поддржа бунтот на сунитските муслимани во 2011 година против владеењето на Асад и го испразни своето седиште во Дамаск во 2012 година, потег што го налути Иран, сојузник и на Асад и на оваа палестинска група.

Во 2022 година, Хамас реши да ги обнови односите со сириската влада и испрати делегација во Дамаск за средба со Асад со цел поправка на односите.

Позитивната реакција на Хамас на падот на Асад е спротивна на ставот на шиитскиот Хезболах, кој одигра значајна улога во поддршката на Асад за време на годините на војна. ссм/

фото: архива

Остани поврзан