• недела, 22 декември 2024

Хамас се согласи на меѓународниот предлог за ослободување на заложниците

Хамас се согласи на меѓународниот предлог за ослободување на заложниците

Газа, 6 февруари 2024 (МИА) – Палестинското исламистичко движење Хамас објави дека позитивно одговорил на меѓународниот предлог за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците од заробеништвото на милитантната група, „за да се обезбеди целосен прекин на огнот“.

Во соопштението објавено на каналот Телеграм се нагласува дека групата го прифатила предлогот „во позитивен дух“, со цел „да се обезбеди сеопфатен прекин на огнот, да се стави крај на агресијата, да се укине опсадата и да се разменат затвореници“, пренесува Ал Џезира.

- Со тоа би се завршила агресијата врз нашиот народ, ќе се обезбеди помош, засолништа и реконструкција, ќе ја укине опсадата на Појасот Газа и ќе постигне размена на заробеници, се додава во текстот.

Хамас, исто така, вели дека ја цени улогата на Египет и Катар, како и „сите земји кои сакаат да ја запрат бруталната израелска агресија врз палестинскиот народ“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен претходно изјави дека САД го разгледуваат одговорот на Хамас и ќе разговара за тоа со израелските власти за време на утрешната посета на Израел.

Катарскиот премиер Абдулрахман ал Тани рече дека реакцијата на Хамас на последниот меѓународен план за ослободување на заложниците и прекин на огнот во Појасот Газа е „генерално позитивна“, додавајќи дека е оптимист.

Во изготвувањето на предлогот учествуваа Катар, Египет, САД и Израел, чии претставници се сретнаа во Париз. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан