Хамас го осуди израелскиот напад во Бејт Лахиа: Масакр што го поткопува договорот за прекин на огнот во Газа
- „Оваа криминална ескалација, придружена со намерни убиства и варварски гранатирања низ Појасот Газа, ја потврдува намерата на окупацијата да го поткопа договорот за прекин на огнот и намерната саботажа на секоја можност да се заврши спроведувањето на договорот и размената на заробеници, во јасен пркос на посредниците и на меѓународната заедница“, се наведува во соопштението на Хамас, пренесе Ал Џазира.
Газа, 15 март 2025 (МИА) - Палестинската милитантна група Хамас денеска го осуди израелскиот напад врз Бејт Лахиа, во Појасот Газа, во кој загинаа најмалку девет лица, како „ужасен масакр“, продолжување на израелските воени злосторства против Палестинците и опасна ескалација на меѓународното незадоволство и рефлексија на сите меѓународни закони.
„Оваа криминална ескалација, придружена со намерни убиства и варварски гранатирања низ Појасот Газа, ја потврдува намерата на окупацијата да го поткопа договорот за прекин на огнот и намерната саботажа на секоја можност да се заврши спроведувањето на договорот и размената на заробеници, во јасен пркос на посредниците и на меѓународната заедница“, се наведува во соопштението на Хамас, пренесе Ал Џазира.
Милитантната палестинска група, исто така, ги повика посредниците да извршат притисок врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да продолжи со спроведување на договорениот прекин на огнот и размената на заробеници.
Најмалку девет Палестинци се убиени во израелски напад врз Бејт Лахиа, во северниот дел на Газа, објави Ал Џезира и наведе дека меѓу загинатите има и тројца палестински фотографи.
Американските медиуми, повикувајќи се на палестински лекари, претходно објавија дека најмалку осум лица загинале во израелските воздушни напади врз Појасот Газа, вклучително и локален известувач кој управувал со дрон.
Палестинската агенција Вафа, повикувајќи се на локални извори, наведе дека нападот бил извршен со израелски дрон. сд/
фото:МИА архива