Хамас го обвинува американскиот посредник за нагла промена на ставот во врска со преговорите за прекин на огнот во Газа
- Функционер на Хамас го обвини американскиот специјален претставник Стив Виткоф за нагло менување на ставот откако вториот објави неуспех на индиректните разговори меѓу исламистичкото движење и Израел за прекин на огнот во Газа.
Газа, 25 јули 2025 (МИА) - Функционер на Хамас го обвини американскиот специјален претставник Стив Виткоф за нагло менување на ставот откако вториот објави неуспех на индиректните разговори меѓу исламистичкото движење и Израел за прекин на огнот во Газа.
-Негативните изјави на американскиот претставник Виткоф се во целосна спротивност со контекстот во кој се одржа последната рунда разговори, а тој тоа многу добро го знае, изјави Басем Наим, влијателен член на политичкото биро на Хамас. „Овие изјави се во согласност со логиката на поддршка на израелската позиција“, додаде тој.
Индиректните разговори меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот се во ќорсокак, повеќе од две недели откако започнаа.
Виткоф вчера потврди дека разговорите во Доха, посредувани од Катар, САД и Египет, не успеале и објави дека американскиот тим се повлекува на консултации, доведувајќи ја во прашање добрата волја на Хамас.
Наим го обвини Виткоф дека се предомислил, објаснувајќи дека американскиот претставник верувал „само пред неколку дена“ дека разговорите се движат во позитивна насока.
-Медијаторите многу позитивно го примија одговорот на Хамас, кој го сметаа за конструктивен и способен да доведе до договор, особено имајќи предвид дека се приближува кон предлогот презентиран од медијаторите на двете страни, рече Наим.
Најновите разговори, рече тој, требаше да ги разгледаат деталите за повлекувањето на израелската армија од Појасот Газа.
Наим дури рече дека е постигнат „принципиелен договор“ за „формула“ за размена на израелски заложници за палестински затвореници што ги држи Израел.
Тој го повика американскиот претставник да „врши притисок“ врз израелската влада, за која рече дека нема намера да постигне договор за прекин на огнот. мс/
фото: ЕПА