Фронтекс: Двојно помалку илегални влегувања во ЕУ преку западнобалканската рута
- Според прелиминарните податоци од Фронтекс, вкупниот број на нелегални влегувања преку сите мигрантски рути се намалил за 20 проценти на 75.900, најмногу благодарение на намалениот број на најфреквентните рути - Источен Медитеран и Западна Африка.
Брисел, 10 јули 2025 (МИА) - Во првите шест месеци од оваа година, бројот на нелегални влегувања или обиди за влез во земјите од Европската Унија се намали за една петтина во споредба со истиот период минатата година, а најголем пад на бројот на нелегални миграции кон ЕУ е забележан на рутата на Западен Балкан, објави денеска Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс).
Според прелиминарните податоци од Фронтекс, вкупниот број на нелегални влегувања преку сите мигрантски рути се намалил за 20 проценти на 75.900, најмногу благодарение на намалениот број на најфреквентните рути - Источен Медитеран и Западна Африка.
Најголемото намалување на бројот на нелегални преминувања на надворешните граници на ЕУ е забележано со 53 проценти на рутата низ Западен Балкан, проследено со 50 проценти преку источните граници на Унијата и 41 процент преку западноафриканската рута, од брегот на Западна Африка до Шпанските Канарски Острови.
На рутата што води низ Западен Балкан, Фронтекс регистрирал 4.930 обиди за нелегален премин во првите шест месеци.
На копнената и морската источномедитеранска рута, преку која мигрантите, главно од Сирија, пристигнуваат во Грција, Кипар и Бугарија, е забележано намалување од 24 проценти со 19.607 гранични премини на ЕУ.
И покрај целокупното намалување на бројот на нелегални влезови во ЕУ, бројот на нелегални преминувања на централномедитеранската рута се искачи на 29.300, што е за 12 проценти повеќе во споредба со истата половина од минатата година. Најголем број мигранти, 20.800, отпловиле од брегот на Либија до Италија преку оваа рута.
Зголемување на нелегалната миграција од 19 проценти е забележано и на западномедитеранската рута, каде што главната земја на поаѓање на мигрантите е Алжир со приближно 80 проценти. Преку западномедитеранската рута, нелегалните мигранти се стремат да стигнат до шпанското копно или до шпанските северноафрикански енклави Сеута и Мелила.
Фронтекс во извештајот забележува силен мигрантски притисок на рутата преку Ламш, која води од ЕУ до Велика Британија. Со тој потег, бројот на обиди за нелегално преминување на границата во првите шест месеци беше за 23 проценти поголем, односно 33.215 лица беа спречени да го сторат тоа.
Според Фронтекс, зголемувањето може да се припише на невообичаено поволните временски услови оваа година, користењето на услугите на таканаречените такси-чамци за да се избегне откривање и транспортот на поголем број мигранти во чамци.сд/
фото:МИА архива