• понеделник, 02 септември 2024

Фреди Белери пуштен од затвор

Фреди Белери пуштен од затвор

Тирана, 2 септември 2024 (МИА) - Поранешниот градоначалник на приморското албанско гратче Химара, Фреди Белери, доби условно ослободување од затвор, каде беше од 12 мај минатата година.

- По двочасовна расправа  Судот во Фиер,  одлучи за условен отпуст на Фреди Белери, кој има уште шест недели до крајот на казната. Судот го прифати барањето, нареди предвремено ослободување и тој во текот на денов го напушти затворот во Фиер, изјави неговиот адвокат , Гени Ѓузари.

Фреди Белери (52), кој е припадник на грчкото малцинство во Албанија, доби  двегодишна затворска казна за купување гласови а беше уапсен два дена пред изборите што се одржаа на 14 мај 2023 година. 

Иако во притвор тој беше реизбран  за градоначалник на Химара, во јужниот дел на Албанија, но не даде заклетва во предвидениот законски рок, по што беа спроведени дополнителни избори

Тој во  месец јуни годинава беше избран  на конзервативната листа на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за европратеник во Парламентот на ЕУ, чија инаугуративна седница беше во средината на јули, на која присуствуваше со претходн дозвола на затворот.

Доставените жалби до сите судски инстанци му беа одбиени.

Случајот „Белери” ги заостри односите меѓу двете земји, при што Грција и се закани на Албанија со вето на патот на евроинтеграциите. вт/

Фото: Белери ФБ

Остани поврзан