• среда, 18 декември 2024

Французите од прекуокеанските територии почнаа да гласаат на вонредните парламентарни избори

Французите од прекуокеанските територии почнаа да гласаат на вонредните парламентарни избори

Париз, 29 јуни 2024 (МИА) - Првиот круг од предвремените парламентарни избори во Франција почна денеска со отворање на избирачки места во некои прекуокеански територии, а анкетите укажуваат на голема предност на екстремната десница во однос на коалицијата на претседателот Емануел Макрон.

Официјално утре почнува првиот круг од предвремените парламентарни избори, а околу 49 милиони француски гласачи ќе гласаат за нов состав на Националното собрание со 577 пратеници. Изборите се одржуваат во два круга, утре и на 7 јули и може трајно да го нарушат политичкиот пејзаж во Франција.

Денеска француските гласачи во Сен Пјер и Микелон, архипелаг во северниот дел на Атлантикот во близина на Канада, почнаа да гласаат, а избирачките места беа отворени во 08:00 часот по локално време, како и гласачите во Антили, Гвајана, Француска Полинезија и оние кои живеат на американскиот континент.

Во континентална Франција гласачите утре излегуваат на гласање.

Претседателот Емануел Макрон распиша предвремени избори со објавување на распуштање на Собранието на 9 јуни, истата вечер кога екстремната десница извојува убедлива победа на европските избори одржани тој ден во Франција.

Голема излезност се очекува на овие избори, каде главни непознаници се дали екстремната десница ќе доминира во Парламентот за првпат по формирањето на Петтата република во 1958 година, дали младиот лидер на крајнодесничарскиот Национален собир (РН) Џордан Бардела (28) може да го замени на тоа место премиерот на Макрон Габриел Атал, лидерот на мнозинството во заминување, може ли левицата да изненади...

Сè додека не се добијат дефинитивни одговори, првите резултати, кои се очекуваат во недела во 20:00 часот, треба да дадат појасна слика за исходот.

Кусата изборната кампања заврши во петокот на полноќ. Кандидатите до недела вечер повеќе немаат право да зборуваат во медиумите, ниту да водат кампања на терен, а забрането е и објавување на анкети.

Експертите и политичарите очекуваат голем пораст на излезноста во однос на изборите во 2022 година, кога учествуваа само 47,51 отсто од гласачите. Овој пат се очекува излезноста да биде околу две третини од запишаните гласачи, односно над 60 проценти. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан