• вторник, 24 декември 2024

Франција: Уставниот совет на 14 април ќе одлучува за уставноста на пензиските реформи

Франција: Уставниот совет на 14 април ќе одлучува за уставноста на пензиските реформи

Париз, 29 март 2023 (МИА) - Уставниот совет на Франција ќе донесе одлука за уставноста на реформата на пензискиот систем в петок, на 14 април, „на крајот на денот, односно седум дена пред крајниот рок“, се вели во денешното соопштение на тој влијателен државен орган.

Кога станува збор за реформите на пензискиот систем, Уставниот совет или „советот на мудреците“ како што го нарекуваат во Франција, би можел да ја потврди усогласеноста на текстот на законот или да приговори на одредени мерки, односно да го цензурира текстот во целина, јавија француски медиуми.

Во меѓувреме, од кабинетот на француската премиерка Елизабет Бурн велат дека „палатата Матињон (премиерската резиденција) ги очекува синдикатите на почетокот на следната недела“ кои се подготвени да разговараат со извршната власт за реформата на пензискиот систем.

Лидерот на синдикатот на железничарите (SUD Rail) Ерик Мајер изјави дека нема да има крај на протестите доколку Уставниот совет не го поништи текстот на законот што беше изгласан во францускиот парламент.

Франција е единствената земја во светот која ја контролира уставноста преку посебен државен орган, Уставниот совет, кој не е ниту чисто судска, ниту чисто политичка институција, а одлуките што ги носи се конечни, извршни и обврзувачки за сите. ссм/

Остани поврзан