• вторник, 21 мај 2024

Форум на жени на ЛДП: Најостро го осудуваме навредливиот коментар упатен кон Силјановска Давкова на вчерашниот митинг во Куманово

Форум на жени на ЛДП: Најостро го осудуваме навредливиот коментар упатен кон Силјановска Давкова на вчерашниот митинг во Куманово

15 април 2024

Форумот на жени на Либерално демократската партија (ЛДП) најостро го осуди недоличниот и навредлив коментар што беше упатен од страна на еден од присутните на вчерашниот митинг во Куманово, кон кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова.

„Во време кога максимално се стремиме да живееме демократски, сметаме дека секоја форма на говор на омраза е неприфатлива и нечовечна, затоа најостро го осудуваме навредливиот коментар на еден од присутните граѓани на вчерашниот митинг во Куманово, насочен кон кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова“, истакнаа од Форумот на жени на ЛДП.

Оттаму потенцираа дека говорот на омраза врз жените во политиката има штетно влијание не само врз поедини жени и нивната благосостојба, туку и врз општата мотивација на жените активно да се вклучат во политичкиот и општествениот живот.

„Крајно време е да се покрене јавната свест за штетноста на таквото однесување. Крајно време е да бидеме прифатени и целосно да се исфрли ваквиот вид на реторика, бидејќи сме еднакви и секојдневно докажуваме колку можеме и знаеме. Исто така, од исклучително значење е секој да сноси одговорност за своето постапување“, порачаа од Форумот на жени на ЛДП.

Тие нагласија дека гласно се спротивставуваат на каков било облик на дискриминација на жените кои се вклучени на политичката сцена.

„Форумот на жени на ЛДП гласно кажува НЕ на вербално родово-базирано насилство, закани, говор на омраза, навреди, омаловажувања, притисоци, дискриминација, сексизам, затоа што насилството кон жени во политиката не познава етничка и политичка припадност“, заклучија оттаму. 

Оваа реакција треба да претставува пример за сите политички партии, да се престане со дискриминација на жените јавно во политиката.

Остани поврзан