• четврток, 19 март 2026

Формирани сите 28 месни и урбани заедници во Општина Делчево

Формирани сите 28 месни и урбани заедници во Општина Делчево

Делчево, 26 февруари 2026 (МИА) - Општина Делчево го заврши процесот на активирање на месните и урбаните заедници, којшто се спроведе во транспарентна и инклузивна постапка. Во рамки на процесот се формирани вкупно 28 месни и урбани заедници, а првпат од формирањето на Општината, избрани се три жени претседателки на месни и урбани заедници, како и 13 жени членки на советите на овие тела.

Овие податоци, како што информираат од Општина Делчево, укажуваат на зголемен интерес и активна вклученост на жените во работата на локалните тела, кои претставуваат основна клетка на локалната самоуправа.

Во целиот процес учествувале 401 граѓанин, од кои 372 мажи и 29 жени. На официјалната веб-страница на Општината се објавени листите на избраните претседатели и претседателки, како и нивните контакт информации, со цел полесна и подиректна комуникација со жителите на секоја заедница.

Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, изрази задоволство од успешно спроведениот процес и од интересот на граѓаните за активно учество во работата на советите. Тој ја нагласи важноста на функционирањето на месните и урбаните заедници како механизам преку кој граѓаните можат директно да придонесат во решавањето на своите секојдневни проблеми и во унапредувањето на локалната заедница.

Првата работилница на новоизбраните состави на советите и претседателите/ките ќе се одржи на 5 март со почеток во 18 часот, во Мултифункционалниот центар во Спомен-дом АСНОМ, на која ќе се разгледува Програмата за активностите на месните и урбаните заедници на територијата на Општина Делчево за 2026 година. вс/вг/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан