• недела, 22 декември 2024

ФИФА: Клубовите можат да забранат настап за репрезентации во мартовските квалифиации за СП  

ФИФА: Клубовите можат да забранат настап за репрезентации во мартовските квалифиации за СП  
Цирих, 5 февруари 2021 (МИА) - Клубовите можат да им забранат на фудбалерите да играат за своите репрезентации додека се во сила рестриктивни мерки поврзани со пандемијата со Ковид-19, соопшти вечерва Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА). Одлуката доаѓа откако ФИФА ја продолжи примената на олеснетите правила, со кои клубовите се ослободени од обврската да ги пуштат своите фудбалери за настап на репрезентативно ниво на претстојните мартовски квалификации со кои започнува патот за пласман на Мундијалот во 2022 година во Катар. Вкупно 135 репрезентации идниот месец ќе ги започнат мундијалските квалификации, а уште 48 други ќе играат во квалификациите за Купот на африканските нации. Тоа значи дека над 3.000 фудбалери, во најголем број од европските клубови, ќе мораат да патуваат ширум светот за да им се приклучат на своите репрезентации. ФИФА ги ублажи правилата и сега им овозможува на клубовите да спречат настап на фудбалерите во одредени ситуации, како што е задолжителниот карантин од најмалку пет денови по враќањето во земјата. Сите кои се враќаат во Велика Британија од земји што се на нејзината „црвена листа“, меѓу кои се Португалија, Северна Америка и делови од Северна Африка, мораат да останат во десетдневен задолжителен карантин. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, рече на почетокот на оваа недела дека сите фудбалери и официјални претставници кои во март ќе патуваат во странство на репрезентативните натпревари, ќе мораат да се придржуваат на здравствените правила воведени поради пандемијата со Ковид-19. ег/ми/

Тагови

Остани поврзан