• недела, 22 декември 2024

Финалето да биде празник на кошарката, порака од тренерите на МЗТ и Еуро Никел

Финалето да биде празник на кошарката, порака од тренерите на МЗТ и Еуро Никел
Скопје, 2 јуни 2021 (МИА) – Тренерите на МЗТ Скопје Аеродром и на Еуро Никел, Дарко Радуловиќ, односно Горан Самарџиев посакуваат финалната серија во кошаркарскиот плејоф да помине во фер и коректна игра и до трофејот да дојде подобриот тим. - Добро е што сите кошаркари се здрави и подготвени да дадат сѐ од себе. Во тимот се враќа Иван Карачиќ, за кого допрва ќе видиме колку и што ќе може да помогне. Ова е финале, кое секогаш е решавано од ситни детали, а пред сѐ од мотивацијата и желбата за триумф. Добро го познаваме Еуро Никел, им ги знаеме добрите и послабите страни, а на нас е да одиграме во одбраната на ниво како во куп-завршницата. Ако го сториме тоа, тогаш патот кон целта ќе ни биде олеснет, изјави тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Дарко Радуловиќ. Неговиот тим е првиот на кого му успеа до финалето да дојде од четвртата позиција во основниот дел на лигата. Предводникот на кавадарчани кои беа трети на крајот на лигашкиот дел, вели дека двете екипи добро се познаваат, па не очекува тактички изненадувања. - Очекувам фер и коректна кошарка од двата тима, па нека победи подобриот. Ние после десет години сме повторно во финале, и ќе уживаме во секоја минута на теренот. Нема да има многу тактички надмудрувања бидејќи веќе одигравме многу натпревари, и се е јасно од каде доаѓа најголемата опасност. Ќе гледаме да го изненадиме МЗТ Скопје на нивниот терен уште на првиот натпревар. Кој ќе има поголема желба за победа тој ќе има повеќе шанси за триумф. Ние ќе се бориме до последниот здив и ќе се бориме до крај. Нека победи кошарката, порачува Самарџиев. Првиот натпревар од серијата прв до три победи се игра вечер во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 19 часот. зс/

Остани поврзан