• петок, 22 ноември 2024

Филмската писменост иако важна за развојот на децата, останува маргинализирана во образовниот систем

Филмската писменост иако важна за развојот на децата, останува маргинализирана во образовниот систем
Скопје, 13 ноември 2022 (МИА) - Филмот има големо влијание врз развојот на креативни, критички и културни знаења, вештини и идни компетенции кај децата, а според стручните лица, подеднакво ефикасна алатка е и за зајакнување на мотивацијата за учење. Сепак, со бавно темпо оваа културна уметност се обидува да си го најде своето место во рамките на формално образовниот процес во државата. Според директорот на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ Дарко Башески, филмската писменост е умешност да се разбере и анализира филмот и неговиот филмски јазик, со сите негови карактеристики и форми на изразување како медиум за творење и како уметност. Башески во изјава за МИА појаснува дека филмска писменост е знаење и свесност при изборот на филмови за гледање, способноста критички да се гледа и анализира нивната содржина, како и разбирање на аудиовизуелниот начин на изразување и можноста да се манипулираат гледачите со користење на технички ресурси или манипулација во користење на филмскиот јазик. --Бидејќи аудиовизуелното изразување и следење на видео содржините стана секојдневие, денес скоро подеднакво може да се говори за аудиовизуелна писменост, а секако поврзана и со медиумската писменост или најгенерално кажано со дигиталната писменост. Филмскиот јазик во изминатите стотина години, стана посебен аудиовизуелен јазик на комуникација, со голема предност пред другите јазици за говор, затоа што се изгради како поуниверзален и многу повлијателен јазик за комуникација на глобално ниво, објаснува Башески. Даниела Станковска Плачковска од Агенција за филм вели дека филмот освен забава, нуди и едукација при што силно влијае врз умот, но и сетилата на децата. Таа објаснува дека младите имаат интерес да разберат што е специфично и карактеристично за филмот. -Младите имаат интерес филмот освен како личен, да го доживеат и како колаборативен процес (кино-искуство). Имаат интерес преку филмот да учат, но и стекнат знаење, вештини и идни компетенции. Имаат интерес да разговараат за филмот од критичка, естетска, емоционална, културна и кративна преспектива (критичка рамка), имаат интерес преку филмот да добијат информација, да ја подигнат свеста за општествени, социјалени и историски теми, која се рефлектира во учење, односно способност за размислување, истражување, учење за филм како своја идна професија, вели Станковска Плачковска за МИА. За младите да бидат филмски писмени, Башески објаснува дека тие треба да научат свесно да ги избираат и правилно да ги „читаат“ аудиовизуелните содржини, односно да знаат да ги разбираат и анализираат со сите изразни средства на филмскиот јазик. Следниот чекор, како што вели, е да научат критички да ги консумираат видео содржините како гледачи и да научат правилно да се изразуваат како креатори, создавајќи свои аудиовизуелни содржини кои ќе имаат јасна порака. Младите покажуваат интерес за филмски фестивали Во државава младите имаат простор за посета на разни филмски фестивали кои на најдобар начин можат да има ја доближат филмската уметност, а во моментов еден од најголемите фестивали од овој тип е „Џифони Македонија“, кој годинава се одржуваше од 5 до 10 октомври. Преку овој фестивал, како што објаснува Башески, учениците покрај со филмската писменост, стекнуваат и вештини за критичко размислување, ја развиваат креативноста и младинското дејствување. -Фестивалот се одржува во тек на шест фестивалски денови на кои младите учесници се истовремено и жири кое ги избира најдобрите филмови на фестивалот во три возрасни категории. Програмите се одвиваа во Кинотеката на Северна Македонија за учениците од основните училишта од петто до шесто одделение и во МКЦ за учениците од средните училишта. Секој ден се прикажуваат избрани кратки и долгометражни филмови по кои следат дискусиии за филмовите со теми кои ги засегаат младите, додава Башески. Како што информираше, оваа година беа понудени девет различни креативни работилници во 15 групи, предводени од искусни ментори кои во тек на пет работни дена со младите работеа на развој на идеите и креативноста, а последниот ден на затворањето на фестивалот ги покажаа резултатите од нивната работа. Во Кинотеката беа сместени ликовна, музичка и филмска работилница за најмладите, а за средношколците во МКЦ имаше работилници за фотографија, видео монтажа, анимација, дигитален дизајн, џртање на стрипови и снимање на видео во еден кадар. Заради пандемијата, во 2020 година фестивалот се одржа во онлајн издание, а во 2021 со лимитирано присуство на само 30 отсто од бројот на седишта во салите. -За да се надополни двегенерациската празнина, оваа година започна нова иницијатива наречена Џифони Филмски денови, каде секоја сабота децата можеа да гледаат по еден филм, да дискутираат за филмот, да се сретнат со млади филмски автори. Активностите продолжуваа на Филмската училница, работилница предводена од режисерката Марија Џиџева, објаснува Башески за МИА. Тој додаде дека интересот и активностите продолжуваат и по фестивалот во другите градови низ целата земја. Како што рече, во изминатите години во 22 општини се реализираа дводневни фестивали под името „Џифони патува“, а во моментов се подготвуваме за уште две изданија во Крива Паланка и Неготино. Придобивките од воведување на филмот во образовниот процес Даниела Станковска Плачковска е дел од Работната група за филмска писменост, која е во рамките на Мрежата за медиумска писменост. Уште од своето формирање во декември минатата година, како што напомена, главната цел на оваа работна група е филмот и филмската писменост да станат дел од наставната програма во формалното образование - основно и средно училиште. Таа за МИА информираше дека веќе е изработен предлог текст на истражување кое по точно определена методологија опфаќа квантитативни и квалитативни податоци - анализа и студии во кои се опфаќаат пристапите и активностите на европско ниво во оваа област, а се насочени кон децата и младите, идентификување на потребата за вклучување на филмот и филмската писменост во формалното образование, резултати и завршни забелешки. Во тој контекст, во рамките на Деновите за медиумска писменост, беше организирано бесплатно прикажување тематски филмови на филмови за деца од основните училишта, со проекции во кината „Милениум“, „Кинотека“ и „Синеплекс“.  -Интересот од младите за овој настан, но и од училиштата и наставниците беше навистина голем. На наше задоволство кино салите беа полни и доколку зборуваме со бројки, тогаш можеме да кажеме дека ова е прва активност во нашата земја каде осумте проекции на трите тематски филмови ги проследија вкупно 2139 ученици од 20 основни училишта од шест скопски општини, додава Станковска Плачковска. Оваа активност, како што посочува, покажа дека децата освен за актуелни филмови и блокбастери (играни и анимирани филмови) имаат интерес и за европски филмови доколку им се овозможи пристап и достапност до нив. -Во оваа активност опфативме два дански и еден италијански филм, од кои два играни долгометражни филмови и еден анимиран долгометражен филм. Два од филмовите беа синхронизирани на македонски јазик, додека еден беше на италијански јазик со превод на македонски јазик.  Од интересот за проекциите, од реакциите на самите деца во текот на проследувањето на филмовите, како и од разговорите на децата со психолозите на конкретна тема увидовме дека учениците се отворени за широка палета на филмови без разлика дали тие се дел од националната, европската или светската кинематографија, објаснува Станковска Плачковска. Таа додава дека дел од децата првпат имаа можност да го откријат и запознаат европскиот филм, да го искусат, но и да го разберат значењето на филмот и текстовите со подвижната слика што ја конзумираа.  -Веруваме дека ги поттикнавме и охрабривме во иднина да пристапуваат до поширок спектар на филмови, како и ги поттикнавме да размислуваат, но и отворено да разговараат за начините на кои го доживеале филмот и темата која ја обработува истиот, односно да се вклучат во филмот од критичка, естетска, емоционална и културна преспектива, појаснува Станковска Плачковска. Системски да се водеде филмот во образовaнието За децата навистина да го осознаат филмот како уште една гранка во културата која е од неминовно значење за нивниот развој, истиот треба да стане дел од наставниот процес. Придобивките можат да бидат големи, само доколку се воведе системски. ридобивките и резултатите од воведување на филмската писменост во образовниот процес можат да бидат големи, само доколку таа се воведе системски. Филмот треба да биде воведен како дидактичко помагало - наставно средство по конкретен предмет, но и како посебен естетски ентитет - посебен предмет. Потоа, филмот треба да биде воведен преку серија на процеси и практики кои вклучуваат три димензии и тоа креативност, критичност и култура, вели Станковска Плачковска за МИА. Таа објаснува дека филмот е одличен извор за визуелните ученици да разберат историски настани, да разберат концепти без бариери, да го видат животот низ различни преспективи, да им помогне во учење на странски јазик. -Исто така, филмот како визуелен фрагмент мотивира, дава информации, а исто така е и катализатор за разговор по одредена наставна содржина и тема. Филмот дава и можности за учење и стекнување на поголем број на преносливи вештини како - аналитички, истражувачки, вештини за решавање на проблеми, критичко расудување (процес на мислење и размисување), имагинација, логика и облици кои можат да придонесат и до трајно меморизирање на конкретно знаење, додава Станковска Плачковска. И Дарко Башески е на ставот дека филмот треба да биде дел од образовниот процес. -Со гледање и разговор за гледаните филмови, филмското образование многу позитивно влијае на развојот на критичкото размислување и креативноста кај децата. Преку формално и неформално филмско образование, со снимање на видео содржини, младите ја градат својата филмска писменост и ги совладуваат вештините за комуникација преку видео изразување, со што ја развиваат својата креативност и се стекнуваат со вредни компетенции во нивниот личен и социјален живот, објаснува Башески за МИА. Исто така, според Башески, филмот може да се користи и како исклучително ефикасна алатка за зајакнување на мотивацијата за учење и развој на менталните и когнитивните способности кај децата и нивното созревање.  

 

Бисера Трајковска фото Фросина Насковиќ и Дарко Попов видео Аслан Вишко и Андреј Бранковиќ

Остани поврзан