• понеделник, 23 декември 2024

Филмот „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги Унковски доби поддршка од Еуримаж

Филмот „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги Унковски доби поддршка од Еуримаж

Скопје, 3 април 2023 (МИА) - Дебитантскот филмски проект „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги Унковски доби поддршка од паневропскиот филмски фонд Еуримаж, на 168-та сесија што се одржа во март годинава. „Диџеј Ахмет“ е избран во конкуренција со 76 европски проекти и е поддржан со 160.000 евра. Како мнозински копродуцент, од нашата држава, продукцијата ја потпишуваат „Синема футура“, „Сектор филм“ и „Протим видео продукција“, а проектот ќе се работи во копродукција со „Алтер висион“ од Чешка и „Бекрум продакшн“ и „Баш челик“ од Србија.

Како што е најавено, турскиот ТВ-канал ТРТ, исто така, е заинтересиран и веќе најави финансиско учество во овој проект. 

 -Во мојот мандат од 2018 година до денес, ова е 14-ти проект поддржан од Еуримаж во кој учествуваат македонските продуценти. Станува збор за поддршка од најпрестижниот филмски фонд основан од Советот на Европа и поради тоа успехот е толку значаен. Овие 14 проекти во изминатиов период добиле вкупна финансиска поддршка од 2,25 милиони евра, што доволно јасно зборува за квалитетот на македонската кинематографија и на македонските филмски работници. Кон ова ќе додадам дека завршените проекти веќе станаа и дел од најпрестижните филмски фестивали во светот. Мене особено задоволство ми причинува и фактот што Еуримаж препозна и проекти на нашите млади автори, генерациите кои очекуваме допрва да ги освојуваат фестивалите и салите во светот, изјави Тања Ќурчинска-Пепељугоска, македонскиот национален претставник во Еуримаж.

Ќурчинска-Пепељугоска од јануари годинава е и членка на Извршниот комитет на Еуримаж. Таа беше и сопственичка на некогаш најголемата дистрибутерска куќа „Манаки филм“.

-Во време на нејзиниот мандат, како и во ек на ковид пандемијата, во 2020 беше донесена одлуката македонските филмски работници да учествуваат со најмалку 5 проценти во меѓународните мултилателарни филмски копродукциии и со 10 отсто во билатералните копродукции, наместо како што беше претходно, да учествуваат со најмалку 10, односно 20 проценти. Тоа беше резултат на тоа што Македонија ја ратификуваше ревидираната Европска конвенција за кинематографска копродукција, со која се уредуваат односите меѓу копродуцентите што учествуваат во содавањето филм, соопштија од Еуримаж.

Така, како што посочуваат, во тој период поддршка од Еуримаж добија „Најсреќниот човек на светот“ на режисерката Теона Стругар Митевска, „Кајмак“ на Милчо Манчевски, „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова, „Тело“ на Петра Селишкар, „Зад стоговите сено“ – првата грчко-македонска копродукција на Асимина Проедроу. За првпат лани, во иста година три македонски филмови, на Митевска, Манчевски и Венинова, имаа светски премиери на фестивалите од А-категорија, Венеција, Токио и Каиро, а копродукцијата на Проедроу освои пет награди на фестивалот во Солун.бт/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан