• вторник, 17 март 2026

Филипче: Треба храбри чекори за да се оди напред кон евроинтеграцијата, националните интереси никако не се загрозени

Филипче: Треба храбри чекори за да се оди напред кон евроинтеграцијата, националните интереси никако не се загрозени

Скопје, 25 февруари 2026 (МИА) - Ставањето на Бугарите во Уставот не е никаков ризик, не се загрозени националните интереси како што зборува Владата. Бугарите во Уставот се само механизам за да ги отвориме поглавјата, да почне да се реформира системот, да почнат да доаѓаат европските фондови, вели лидерот на СДСМ Венко Филипче. 

Во телевизиско гостување вечерва Филипче рече дека Владата има понуда на масата којашто не е ризична, но дека „таа нема храброст и не сака да го направи тоа“.

- Ова е прва Влада која не го прави чекорот напред. Досега сите влади од 1991 година работеле и се соочувале со непринципиелни и различни препреки од Европа. Националните интереси ниту се загрозени со нешто што претходната влада го направила. Како ќе бидат загрозени националните интереси? Единствено нешто што ќе биде загрозено се бизнис интересите на власта коишто тогаш ќе бидат под мониторинг на европското Обвинителство. Затоа тие не сакаат напред. Граѓаните мора да знаат дека ставањето на Бугарите во Уставот не е никаков ризик, напротив, се прави дистинкција меѓу двата народа. Треба силна политичка одговорност да се направат чекорите. Треба храбри чекори, а не само да стоиме во место и да лажат дека нешто е загрозено, рече Филипче за телевизија „Сител“. 

Во однос на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека има опција да влеземе во ЕУ во 2027 година но без право на глас, Филипче рече дека евроамбасадорот Михалес Рокас кажал дека нема таква опција. - Ако евроамбасадорот кажал дека нема таква опција и дека единствена опција е полноправното членство во ЕУ, тогаш што може да каже било кој друг. Ако ЕУ каже дека еден од четирите приоритети во 2026 година е проширувањето, тогаш како премиерот кажува дека има алтернативни начини, рече Филипче.

Во однос на окрупнувањето на опозицискиот блок, Филипче рече дека негов став е оти тоа треба да се случи додавајќи дека веќе се во разговори со голем број од помалите партии кои ја напуштиле коалицијата по изборите во 2024 година. За можноста за приклучување на „Левица“ кон овој блок, Филипче рече дека тие треба да се изјаснат дали се за Европа или за Русија, а за Движењето „ЗНАМ“ рече дека има се повеќе иницијативи од поединци кои не се задовлни од работата на раководството на ЗНАМ. бак/паг/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан