Филипче: Резолуцијата е прв документ за национален консензус за црвените линии
- Претседателот на СДСМ Венко Филипче вечерва изјави дека резолуцијата што ја предлага СДСМ е обид за создавање национален консензус за најважните државни интереси во процесот на евроинтеграции. Во резолуцијата, како што вели тој, се прецизираат црвените линии околу кои политичките партии треба да се обединат, а тие се: јазикот, идентитетот, културата, историјата – прашања за кои „никогаш ниту една влада не треба да преговара“.
Скопје, 9 октомври 2025 (МИА) - Претседателот на СДСМ Венко Филипче вечерва изјави дека резолуцијата што ја предлага СДСМ е обид за создавање национален консензус за најважните државни интереси во процесот на евроинтеграции. Во резолуцијата, како што вели тој, се прецизираат црвените линии околу кои политичките партии треба да се обединат, а тие се: јазикот, идентитетот, културата, историјата – прашања за кои „никогаш ниту една влада не треба да преговара“.
- Во вториот дел јасно кажуваме што се нашите црвени линии. И тоа не го кажуваме првпат. Дополнително, истите се содржани и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, рече Филипче во интервју на ТВ Канал 5.
Тој потсети дека слични декларации веќе се изгласани во Собранието и од власта и од опозицијата, и ја повика ВМРО-ДПМНЕ искрено да се изјасни дали има реална загриженост за идни блокади или тоа е само изговор за да се избегне напредок.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ иако има значајно мнозинство во Собранието, досега не направила ништо конкретно за евроинтеграциите, што смета Филипче, буди сомнеж во нивните вистински намери.
- Ако имаат 58 пратеници, за овие скоро две години, нешто требаше да направат. Не направија ништо, рече Филипче.
Филипче рече дека дополнително оваа резолуција за првпат внесува временска рамка – уставните измени да се изгласаат до крајот на годината, а потоа да се отворат преговарачките поглавја со ЕУ.
Повика на политичка зрелост и надпартиска одговорност. - Ајде да бидеме еднаш сериозна држава. Ајде да покажеме капацитет. Ајде да седнеме сите заедно и да спремиме наш документ, како секоја сериозна држава, рече Филипче.
Во однос на гаранциите од ЕУ во случај на нови блокади, Филипче смета дека со писмо од државниот врв до европските лидери треба да се побара поддршка и вклученост од нивна страна. Тоа, според него, нема да значи замрзнување на преговорите туку дека треба да се вклучи Европската Унија со малку поинаков концепт и да ни помогне.
Како аргумент Филипче го посочи променетиот став на некои западни земји како Данска и Франција, кои сега изразуваат отворена поддршка за проширувањето. Според него, ако конечно постои внатрешен консензус и национално единство, нема да има надворешна сила што ќе ја блокира земјата на патот кон ЕУ.
-Ако интензивно работиме на спроведувањето на реформите, никој не може да не запре. Никој, никогаш и од ниту една страна, рече Филипче.
Зборувајќи за Локалните избори претседателот на СДСМ рече дека клучна цел на партијата во овие избори е враќање на довербата кај разочараните гласачи, пред сè преку кандидати со реални резултати и кредибилитет.
- Борбата е за секој еден глас. Да ја вратиме довербата на разочараните наши членови, гласачи, рече Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ на овие избори се фокусирал на квалитет на кандидатите.
Според Филипче, целта не е само изборен резултат, туку долгорочна работа на терен, отворена комуникација со граѓаните и прифаќање на нивните сугестии. Тој посочи дека како партиски лидер во последните година и пол, токму тоа бил пристапот на СДСМ – инклузивност, транспарентност и континуиран дијалог со граѓаните.
Не сакаше да шпекулира со бројки и конкретни очекувања, но повтори дека приоритетот е доверба. ев/
ФОТО: Принтскрин