• четврток, 26 март 2026

Филипче од Кавадарци: Мицкоски не сака независно судство

Филипче од Кавадарци: Мицкоски не сака независно судство

Кавадарци, 9 октомври 2025 (МИА) - Претседателот на СДСМ Венко Филипче на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Кавадарци, го праша премиерот зошто не се спроведени реформи во судството обвинувајќи за партизација.

- Зошто не направи ништо? Зошто не ги реформираше судството и обвинителството? Зошто се плашиш, Мицкоски? Дали затоа што знаеш дека, ако судството стане навистина независно, половина твоја влада ќе мора да одговара пред закон?“, рече Филипче.

Според него, Мицкоски не сака независно судство, туку сака свое судство, не сака обвинители по закон, туку по список „од тефтерчињата во Белата палата“.

-Ако навистина сакаш правда, биди маж. Кажи дека секој ќе одговара – и од СДСМ, и од ВМРО-ДПМНЕ, и од сите партии. Направи реформи и ќе имаш наша поддршка, рече Филипче.

На трибината во Кавадарци тој рече дека тиквешијата страда од оваа власт и дека во изминатата година секторот земјоделие бил урнат.

- СДСМ во земјоделството имаше чесни, искрени политики. Не е патриот овој кој дозволува 11 илјади семејства што живеат од лозарство, да бидат понижени, рече Филипче. 

Според него, за оваа власт малиот земјоделец не постои, постојат само фаворизирани фирми, блиски луѓе и интереси, но не се само лозарите оштетени. 

- Додека се кријат зад празни зборови, економијата пропаѓа. Колку компании од Тиквешијата - а ги има многу тука - не добија уште поврат на ДДВ? Стотици. Пари со кои треба да вложат, да платат вработени и да се грижат за луѓето, рече Филипче.

Граѓаните, додаде тој, чувствуваат дека стандардот паѓа секој ден, платите стојат, цените растат, стандардот паѓа. 

- А власта зборува за „успеси". Денес имаме нов „успех". Замислете, владата решила да ги оданочува пратките од странство, оние до 20 евра. Она што луѓето можеа евтино да си го купат на интернет, веќе нема да биде евтино. Во држава во која 40% е сива економија, во која се соголува народот со даноци за кои граѓаните не ги добиваат соодветните услуги, сега се воведува нов данок на евтини производи од интернет. Ова било приоритет за Владата, рече Филипче. 

Од Кавадарци беа најавени агро берза за пласман и реални цени, без уцени. Бизнис старт ап центар за развој на претприемништвото. 

Носителот  на листа на кандидати за советници, Вуко Мелов рече дека како млад човек решил да остане во Кавадарци и да се залага за подобра иднина. Тој истакна дека и во изминатиот Совет, како советници на СДСМ, се залагале за доброто на кавадарчани и против лошите политики. Мелов подвлече дека имаат проекти од витален интерес на населението и за достоинствен живот. 

- Кавадарци мора да стане чист и зелен град. Град што не се гуши во бетон, туку се развива со план, визија и љубов, порача Мелов. 

Тој најави намалување на комунални услуги за сите,  бесплатна градинка за деца од семејства со ниски приходи, ослободување од комуналии за куќи на млади и слично.  

Кандидатот за градоначалник, Виктор Велевски рече дека дефиниција за припадност на овој град, значи бескомпромисно да се бориш  за правда, слобода и еднаквост. 

- Нашата борба е рамо до рамо со работникот, земјоделецот, обесправените и социјално угнетените, порача тој, најавувајќи зелен прстен околу Кавадарци, гасификација, пречистителна станица и слично. 

На трибината беа претставени кандидатите за советници и побарана поддршка за локалните избори на 19 октомври. Пред трибината, беше оддадено едноминутно молчење за Панчо Минов, кавадарчанец што во два мандата беше градоначалник и во четири, пратеник во парламентот. свд/ев/

ФОТО: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан