Филипче: Неказнивоста кај функционерите од власта се враќа на голема врата како до 2016
- СООПШТЕНИЕ - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Прес 24, ја критикува актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ за враќање на неказнивоста на функционерите, споредувајќи ја ситуацијата со онаа пред 2016 година.
3 декември 2024
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Прес 24, ја критикува актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ за враќање на неказнивоста на функционерите, споредувајќи ја ситуацијата со онаа пред 2016 година.
Филипче изразува загриженост дека сегашната влада се движи кон повторување на старите грешки, со фокус на лични интереси, наместо на отчетност и транспарентност пред граѓаните.
„Ниту им е до одговорност, ниту до отчетност, ниту до транспарентност. Јасно е дека слоганот ‘Македонија повторно твоја’ значел ‘Македонија повторно само наша’, односно на една мала група во власта која ќе одлучува што следува за обичниот народ,“ вели Филипче во интервјуто, нагласувајќи дека актуелната власт е посветена само на своите лични и партиски интереси.
Претседателот Филипче ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ и за лицемерие, наведувајќи дека неказнивоста што ја практикуваат по низата скандали е во директна спротивност со принципите на праведност и еднаквост.
„Тие скандали, тоа отсуство на политичка волја за одговорност, само ја потврдува големата хипокризија на ВМРО-ДПМНЕ. За нив важи она орвеловското: ‘сите се еднакви, но некои се поеднакви од другите’,“ додаде Филипче, цитирајќи го познатиот принцип од „Животинска фарма“ на Џорџ Орвел.
Тој предупредува дека неказнивоста од пред 2016 година се врати „на голема врата,“ но овој пат, е надградена и проширена.
„По ваков почеток, јас сум убеден дека ова однесување само ќе се повторува и ништо нема да се менува,“ вели Филипче во интервјуто за Прес 24, изразувајќи сомнеж во можноста за промена на тековните практики на власта.
Филипче исто така истакна дека граѓаните веќе почнуваат да ја препознаваат старо-новата пракса на ВМРО-ДПМНЕ, која, како што вели, ги натера стотици илјади луѓе да излезат на улиците во минатото.
„Верувам дека граѓаните веќе го препознаваат истото старо ВМРО-ДПМНЕ заради кое стотици илјади излегуваа на улиците. Ако продолжат вака, брзо ќе се соочат со гневот, не само на излажените гласачи, туку на целиот народ. Владата ќе се соочи со сериозни последици ако не ги промени своите политики и однесување“ наведува претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за Прес 24.
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ воведува феудализација како економски модел
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Прес 24 остро го нападна економскиот модел на ВМРО-ДПМНЕ, опишувајќи го како „вовод во феудализација на државата“. Според Филипче, овој модел има за цел да ги маргинализира работниците, додека крупниот капитал добива доминантна улога во диктирањето на владините политики.
„Работниците се веќе неважни и омаловажени, наспроти крупниот капитал кој ја диктира работата на владата,“ вели Филипче, истакнувајќи дека оваа трансформација на економскиот модел ќе има сериозни последици за општеството.
Филипче предупредува дека ваквиот пристап неизбежно ќе доведе до сиромаштија и влошување на животниот стандард на граѓаните. Според него, економските политики на ВМРО-ДПМНЕ придонеле за зголемување на социјалните разлики до историски највисоки нивоа, како и за намалување на куповната моќ на граѓаните.
„Овие економски политики ги донесоа најголемите социјални разлики во историјата на државата и најниската куповна моќ за граѓаните,“ додаде Филипче, подвлекувајќи го негативниот ефект на владините мерки.
Претседателот на СДСМ ја истакна и забележливата економска деградација која ја очекува државата ако овие политики продолжат.
„Со овие политики беа потребни четири плати да се обезбеди една минимална потрошувачка кошница, сега истото ќе се случува,“ предупредува Филипче, подвлекувајќи го товарот што ќе го носат граѓаните под вакви услови.
Во интервјуто за Прес 24 претседателот Филипче повика на сериозен преиспитување на економските стратегии и политики на актуелната власт, со цел да се избегнат понатамошни негативни ефекти врз економијата и животниот стандард на населението.
Линк до целото интревју: https://press24.mk/venko-filipche-mickoski-i-mucinski-da-kazhat-koi-drzhavi-od-eu-poddrzhuvaat-odlozheno-dejstvo-za
СДСМ
Центар за комуникации со јавноста
________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни греш