• недела, 22 декември 2024

Фестивалот When In Krusevo – синоним за хуманост и летна адреналинска авантура во највисокиот планински град на Балканот

Фестивалот When In Krusevo – синоним за хуманост и летна адреналинска авантура во највисокиот планински град на Балканот

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - Единствениот планински град во Северна Македонија, Крушево, осма година по ред ќе го надополни летното уживање со фестивал кој на едно место обединува хуманост, музика, спорт и култура! Оваа година When in Krusevo ќе трае од 5 до 7 јули, а организаторите ветуваат позитивна атмосфера, адреналин, одлична забава и многу љубов.

 Целта на фестивалот, како што најавуваат од Организацискиот одбор, е промовирање на крушевскиот живопис полн со природни убавини и спортски актракции, будење на адреналинот и желбата за дружење, промоција на уметноста, историјата, живите традиции на градот и гостопримството кои и тоа како создаваат чувство на топлина, а од оваа година во фокус ќе е инклузијата на социјално ранливите категории на граѓани во Крушево.

Фестивалот започнува во предвечерието на 5 јули, со пријавување и подигање на пакет со маичка, дизајнирана од Зоран Кардула со посвета на најранливите, и производи од спонзорите. Официјалното отварање започнува истиот ден со забава во Градскиот парк со BABURA JUNIOR, додека наредните денови музичката програма ќе ја надополнат ДНК, CYRILLIC, DJ Bapchu, ESTEPHANO, Totsilly, BONO. Целоснота програма може да се погледне на веб страната www.wheninkrusevo.com.mk.

Имаќи предвид дека Крушево го има еден од најдобрите светски параглајдинг терени и е топ светска дестинација за овој вид на адреналински и активен туризам, во фестивалот е вклучено и атрактивното тандем параглајдинг летање од Мечкин Камен.

Меѓу другите адреналински спортови, фестивалот ќе понуди искачување на вештачка карпа, адреналински парк, јавање на коњи, кајак и SUP. За љубителите на планинскиот велосипедизам има тура од 20 километри и планинска велосипедска трка, додека за истражувачите на планинските убавини планинарска тура од 10 километри. Гурманите пак, ќе може да уживаат во дегустацијата на локалните специјалитети на саемот за храна и пијалоци кој ќе се одржи во недела, во склоп на инклузивниот настан за подигање на свеста за социјално ранливите категории кој ќе се одржи благодарение на новите поддржувачи на фестивалот, оние со големо срце и душа кои несебично застанаа позади нашата идеја.

-Бидејќи овој фестивал е од отворен карактер и нема возрасна граница, но има љубов и интересни содржини за секој посетител, истиот претставува силен магнет како за професиналните спортисти и љубителите на адреналински спортови така за уживателите на забави. Но, со се она што го нуди може да го окарактеризираме и како семеен фестивал. Затоа, не ги заборавивме и најмладите и за нив подготвивме детско катче на Крушевското езеро и во Градскиот парк со денска забава, јога и многу детски игр, посочуваат органиозаторите.

Како и секоја година обезбедена е камп зона на Крушевското езеро со сите потребни услови, додека оние кои ќе се одлучат за приватните и хотелските сместувачки капацитети, понудата од соработниците на манифестацијата може да ја погледнат на веб страната www.wheninkrusevo.mk.

Со секоја купена карта се добива попуст до 50 проценти на спортските активности, воедно се обезбедени влезници за Спомен куќата на Тоше Проески, Македониумот како и Галеријата „Никола Мартиновски“. Оваа година фестивалот има и хуманитарен карактер, и од секоја продадена онлајн карта ќе бидат одвоени 100 денари за најмалку едно социјално ранливо семејство од градот.

Картата за ова тридневно авантуристичко дружење во Крушево е 600 денари и може да се купи на продажната мрежа на MK Tickets. Сите подетални информации за фестивалот можете да ги следите на Facebook страна на фестивалот. вг/са/

Фото: wheninkrusevo.mk.

Остани поврзан