Ферарито на Шумахер продадено за рекордни 14,8 милиони долари
- Болидот на Ферари „Ф2003-ГА“, во кој Михаел Шумахер ја освои својата шеста светска титула во Формула 1, беше продаден од страна на аукциската куќа „Сотби“ за рекордна сума за вакви автомобили

Лондон, 10 ноември 2022 (МИА) - Болидот на Ферари „Ф2003-ГА“, во кој Михаел Шумахер ја освои својата шеста светска титула во Формула 1, беше продаден од страна на аукциската куќа „Сотби“ за рекордна сума за вакви автомобили - 14,6 милиони швајцарски франци или 14,8 милиони долари.
Во 2003 година, Шумахер ја освои титулата по тешка борба со Кими Раиконен од Мекларен и Хуан Пабло Монтоја од Вилијамс. Германецот постигна шест победи во сезоната и заработи два бода повеќе од главниот ривал.
Шасијата ставена на аукција беше искористена на трки 9 пати, вклучително и во одлучувачкото Јапонско Гран при, како резултат на што Мајкл ја освои титулата и го надмина рекордот на Хуан Мануел Фанџо по бројот на освоени шампионски титули.
„F2003-GA“ требаше да се продаде за 9,3 милиони долари, но износот значително се зголеми по 40-минутната понуда.
Претходниот рекорд за продажба на автомобил Ф-1 беше поставен пред пет години, кога Ферари „Ф2001“ достигна вредност 7,5 милиони долари.
Најскапиот автомобил во светот останува „Mercedes-Benz 300 SLR Uhlenhaut Coupe“ од 1955 година, направен во само два примерока. Во мај оваа година беше продаден за 142 милиони долари. зс/