• понеделник, 25 ноември 2024

Фајненшл тајмс: Рапидно расте бројот на забранети книги во американските училишта

Фајненшл тајмс: Рапидно расте бројот на забранети книги во американските училишта
Вашингтон, 21 ноември 2022 (МИА) - Бројот на забранети книги во американските училишта и библиотеки рапидно расте, пишува „Фајненшл тајмс“. Рекорден број на забрани за книги оваа година треба да има во САД. Културните војни таму вршат зголемен притисок врз децата, воспитувачите и издавачите, наведува британското издание. Забележано е зголемување на активноста на родителите, лобистичките организации и политичарите кои го користат своето влијание за да забранат одредени книги за кои сметаат дека се несоодветни за помладите читатели, соопштија од Американската библиотечна асоцијација и ПЕН Америка. Според „Фајненшл тајмс“, најнов пример за таква забрана е законодавството во државата Мисури кое влијаеше на книгите за Леонардо да Винчи и Микеланџело, како и на илустрираните верзии на Библијата и делата на Шекспир. „Гледаме огромно зголемување на бројот на барања за цензурирање книги. Едноставно нема крај. Очекуваме рекорд оваа година“, изјави Дебра Колдвол-Стоун, директорка на Канцеларијата за интелектуална слобода при Американската библиотечна асоцијација. Забраните честопати се насочени против содржини за кои се тврди дека имаат сексуална природа. Под ударите на цензурата потпаѓаат и мемоарите, кои раскажуваат за конфронтацијата на црните деца со расизмот и животот на претставниците на верските малцинства. Американската библиотечна асоцијација соопшти дека минатата година регистрирала 729 обиди за воведување забрани за речиси 1.600 дела. Годинава обидите се 800 и се насочени против 1.651 наслов. паг/      

Остани поврзан