Фатах го поздрави договорот за прекин на војната во Газа
- Фатах ги пофали напорите на мировните посредници за постигнување на договорот, кој има за цел „да стави крај на агресијата што трае две години и предизвика смрт на над 67.000 лица и повреда на околу 170.000 други“.
Рамала, 9 октомври 2025 (МИА) – Палестинското движење Фатах го поздрави објавениот договор за запирање на војната во Појасот Газа, што ќе донесе повлекување на израелските сили, овозможување на достава на хуманитарна помош и размена на затвореници и заробеници.
Во соопштението објавено денеска, Фатах го потврди ставот на палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој од почетокот повикуваше на итен прекин на агресијата, отворање на хуманитарни коридори за да се спречи гладот во Газа и ослободување на затворениците и заложниците.
„Абас бараше и воспоставување меѓународни механизми за заштита на палестинскиот народ, прекин на еднострани израелски акции што го кршат меѓународното право, ослободување на палестинските даночни средства и целосно израелско повлекување. Тој повикува на обединување на палестинските територии и институции во Појасот Газа и на Западниот Брег, вклучувајќи го Источен Ерусалим, како предуслов за конечно решение базирано на две држави“, стои во соопштението.
Фатах ги пофали напорите на мировните посредници за постигнување на договорот, кој има за цел „да стави крај на агресијата што трае две години и предизвика смрт на над 67.000 лица и повреда на околу 170.000 други“.
Движењето изрази „гордост за издржливоста и решителноста на народот во Газа и на Западниот Брег, вклучувајќи го и Ерусалим“, додавајќи дека палестинскиот народ ќе остане истраен во стремежот за независна и суверена држава со главен град Источен Ерусалим. ссм/
фото: архива