• недела, 27 октомври 2024

УЈП домаќин и модератор на регионален настан организиран од ММФ

УЈП домаќин и модератор на регионален настан организиран од ММФ

Скопје, 27 октомври 2024

Управата за јавни приходи во соработка со ММФ, беше домаќин и модератор на дводневен регионален настан насловен како „Заедница на практики“ во периодот од 24-25 октомври 2024 година, кој се реализира во рамки на Програмата за јакнење на капацитетите на даночните администрации од Западен Балкан и истиот овозможува не само размена на добри практики и искуства, туку и воспоставување конекции кои продолжуваат во тековното работење. Настанот се одржува веќе две години и е поддржан од Европската Комисија и Швајцарската конфедерација, а координиран од страна на ММФ преку регионалниот советник за приходи Дмитри Јегоров и експертот од главната канцеларија на ММФ Мајкл Харди.

Учесници на настанот беа даночните администрации од Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Федерација БиХ (со учесници од кантоналната администрација и од Управата за индиректно оданочување која работи централизирано на ниво на Федерација) и дистрикт Брчко. Во поголем дел овие земји имаат сличности и исти почетни основи на даночните системи и администрации, а се среќаваат и со слични предизвици, што овозможува лесно меѓусебно разбирање и размена на искуства и споделување на најдобри практики и искуства.

Особено внимание привлече специјалната презентација на гостинот од Чешка, Михал Кубик, кој ги презентираше искуствата од политиката на отпис на долгови во Чешка, покажувајќи како оваа практика може ефикасно да ја подобри наплатата на даноците преку фокусирање исклучиво на наплатливите долгови. Презентацијата даде важен увид за регионалните администрации во користењето на отписот како алатка за управување со старите и ненаплатливи долгови, но и можност за поефикасно управување со даночниот долг преку добивање на реална информација за наплатливиот и ненаплатливиот долг.
Овој значаен настан е доказ за силната посветеност на УЈП во зајакнувањето на регионалната соработка и постојаното прифаќање на најдобрите практики за поефикасна даночна администрација и поефективно прибирање на даночни приходи. 

Управа за јавни приходи

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан