• недела, 22 декември 2024

Уште тројца хоспитализирани со голема кашлица, вкупно 1.049 случаи во државава

Уште тројца хоспитализирани со голема кашлица, вкупно 1.049 случаи во државава

Скопје, 30 август 2024 (МИА) - Пријавени се 17 нови случаи на голема кашлица во периодот од 23 до 29 август. Возраста на заболените се движи до 49 години, а најголем број случаи се од возрасната група од една до четири години. Од новите случаи, три беа хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај што го објави денеска Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

- Заклучно со 29 август, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 1.049 случаи на голема кашлица, со инциденца од 57,1/100.000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи, пишува во извештајот.

Дистрибуцијата по пол покажува дека 477 лица се од машки, а 572 од женски пол.

Од вкупниот број заболени лица, кај 1 042 лица биле регистрирани симптоми, додека болеста кај седуммина била во асимптоматска форма.

Сè уште најголем број заболени лица се регистрирани на територијата на Скопје.

Во тек се три епидемии пријавени во ниво на територијата на Скопје, Куманово и на Тетово.

Најголем број заболени припаѓаат на возрасната група до четири години, највисока инциденца се бележи во возрасната група под една година и изнесува 1.282,1/100.000 жители.

Од вкупниот број регистрирани случаи, 660 не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просек на поминато време од последната доза на вакцина до заболување изнесува 11 години.

Од 18 јануари до 29 август, дадени се вкупно 65.544 дози вакцина со компонента против голема кашлица. бд/лв/

Фото: МИА архива, ИЈЗ

Остани поврзан