Училиштето „Ѓорги Наумов“ во Битола од денеска регионален центар за стручно образование
- Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска во Битола го промовираше средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ за регионален центар за стручно образование во Пелагонија. Одлука на МОН е донесена според анализи кои потврдуваат дека ова училиште е најсоодветното училиште за регионален центар.
Битола, 29 ноември 2024 (МИА) - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска во Битола го промовираше средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ за регионален центар за стручно образование во Пелагонија. Одлука на МОН е донесена според анализи кои потврдуваат дека ова училиште е најсоодветното училиште за регионален центар.
-Градот добива уште едно големо значење во однос на образованието. По направените анализи, во ова училиште ќе ги одредиме струките и профилите. Веднаш потоа почнуваме со средување на инфраструктурата на училиштето и опремување. Овој процес ќе потрае, но со задоволство соопштувам дека ова е седмиот регионален центар кој треба да се направи од вкупно осум што треба да завршат до 2027 година. Регионални центри се оформени во Охрид и Куманово, во Тетово се заокружува инфраструкурата за што државата вложува 250 милиони денари. Во Битола ќе има модерен современ и корисен центар за сите граѓани, а учениците ќе имаат можност да се стекнат со високи компетенции и да најдат работа во градот и државата, истакна Јаневска.
На промотивниот настан во Битола, градоначалникот Тони Коњановски истакна дека регионалниот центар за стручно образование е потреба да бизнис секторот во регионот.
-Овоможуваме повеќе за нашата заедница, за стручните кадри кои недостасуваат, но и да ги задржиме младите со квалитетно образование да останат во градот и да одговорат на потребите на пазарот на трудот, посочи Коњановски.
Од Општина Битола најавија аплицирање за проекти со кои ќе се градат нови училишта, ќе се инсталираат фотоволтаични извори на енергија, како и изградба на спортски игралишта во училиштата.мт/бт/
Фото: МИА