Ученици учат за локалната самоуправа директно од градоначалничката Стаменкоска Трајкоска
- Во посета на Општина Кисела Вода денеска беа четвртоодделенците од ООУ „Св. Климент Охридски“, кои во рамки на наставната програма учат за локалната самоуправа, надлежностите на градоначалникот и функционирањето на општината.
Скопје, 21 ноември 2025 (МИА) - Во посета на Општина Кисела Вода денеска беа четвртоодделенците од ООУ „Св. Климент Охридски“, кои во рамки на наставната програма учат за локалната самоуправа, надлежностите на градоначалникот и функционирањето на општината.
Како што информираат од општината, учениците биле примени од градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, која им посакала добредојде и им објаснила како работат општинските служби, поединечните сектори и одделенија, како и начинот на кој се носат одлуките што имаат значење за граѓаните. Децата активно учествувале во разговорот, поставувајќи прашања за тоа како се реализираат проектите, кој се грижи за училиштата, зеленилото и инфраструктурата, и што сè претставува одговорност на локалната власт.
-Ваквите средби имаат важен едукативен, но и педагошки момент бидејќи на учениците им го доближуваме функционирањето на локалната самоуправа на разбирлив и практичен начин, ги охрабруваме да прашуваат, да истражуваат и да учат преку непосредно искуство. Секогаш кога имам можност да им помогнам полесно да ја разберат наставата, тоа го правам со големо задоволство. Ова го назначувам бидејќи по струка сум професор и со ученици работев пред да започнам со мојот ангажман во Собранието, а сега и како градоначалник. Сакам да нагласам дека Општина Кисела Вода и понатаму ќе продолжи активно да соработува со училиштата, да инвестира во образованието и да создава услови во кои секое дете ќе може слободно, квалитетно и безбедно да се развива, истакнала градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.свс/вј/
Фото: Општина Кисела Вода