• петок, 05 декември 2025

Ученици од училиштата во Извор и Горно Врановци вклучени во проект „Руралните убавини во Чашка“

Ученици од училиштата во Извор и Горно Врановци вклучени во проект „Руралните убавини во Чашка“

Велес, 13 октомври 2025 (МИА) - Учениците од Основното општинско училиште „Петре Поп Арсов“ во селото Извор добија нова можност за практична настава преку новоизградениот пластеник во училишниот двор. Пластеникот е финансиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, а го спроведува Организацијата на жени на Општина Велес со цел поттикнување на одржлив развој во руралните средини.

Проектот „Руралните убавини во Чашка“ се реализира и во селото Горно Врановци, во соработка со ООУ „Лирија“, каде веќе се спроведени активности за хортикултурно уредување на училишните дворови, садење повеќегодишни садници и селекција на отпад.

Како што информира Мирјана Трајкова од Организацијата на жени на Општина Велес, пластеникот пред училиштето во село Извор е со должина од седум и ширина од пет метри, опремен со систем за наводнување „капка по капка“.

Пластеникот во кој ќе бидат засадени зеленчукови, лековити и зачински растенија ќе се користи како практична лабораторија за научно-образовни активности по предметите природни науки, биологија и општество. Воедно, ќе овозможи и нови вон-училишни активности што ќе го збогатат секојдневието на децата во ова рурално подрачје.

-Создадовме простор каде децата не само што ќе учат, туку и ќе развиваат љубов кон природата и трудот. Веруваме дека ваквите активности го зајакнуваат чувството на заедништво и грижа за животната средина, потенцира Трајкова.

Проектот „Руралните убавини во Чашка“ се реализира и во селото Горно Врановци, во соработка со ООУ „Лирија“, каде веќе се спроведени активности за хортикултурно уредување на училишните дворови.

Трајкова потенцира дека преку овој проект учениците од Општина Чашка од најмлада возраст се учат за заштита чување и негување на растенијата и природата.

Проектот е дел од Програмата за инвестирање во животна средина за 2025 година и има за цел создавање долгорочни едукативни и еколошки бенефити за децата и заедниците во руралните подрачја на Општина Чашка.ад/ар
Фото:Организација на жени на Општина Велес

Остани поврзан