• петок, 22 ноември 2024

Уставниот суд донесе одлука да го поништи Упатството за водење на матични книги

Уставниот суд донесе одлука да го поништи Упатството за водење на матични книги

Скопје, 27 септември 2023 (МИА) - Уставниот суд на денешната седница донесе Одлука да го поништи Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги, акт донесен од Министерството за правда. 

Портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска на денешната прес-конференција информираше дека Одлуката е донесена со мнозинство гласови и ќе биде објавена во Службен весник.

- Кога Уставниот суд донесува поништувачка одлука, тоа значи дека одлуката има ретроактивно дејство, сметано од моментот на донесувањето на актот којшто се поништува, појасни Беловска. 

Таа посочи дека Упатството е поништено бидејќи Судот оценил дека е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не е испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави ова упатство. 

- Тој член предвидува рок за објавување „најдоцна за 7 дена од денот на донесувањето. Уставниот суд веќе појасни во јавноста дека на прашањето за рокот не му пристапува технички, туку суштински и тој треба да биде почитуван од сите, додаде Беловска.

Уставниот суд на на 5 јули 2023 година по сопствена иницијатива поведе постапка за оспореното Упатство поради сомнеж дека со негово донесување од страна на Министерството за правда е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не е испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави ова Упатство. Заведено со архивски број од 29 мај 2023 година, а објавено на 15 јуни 2023 година, што значи не е испочитуван Уставот и членот 52 во кој се предвидува рок најдоцна за седум дена.  бд/дма/


Фото: МИА 

Остани поврзан