Усвоен Буџетот на Општина Берово за 2026 година
- Со 14 гласа „за“ и еден воздржан советник, Советот на Општина Берово денеска го усвои Буџетот за 2026 година, кој изнесува 463.000.000 денари.
Берово, 25 декември 2025 (МИА) - Со 14 гласа „за“ и еден воздржан советник, Советот на Општина Берово денеска го усвои Буџетот за 2026 година, кој изнесува 463.000.000 денари.
Градоначалникот на Берово, Петар Ружински, по донесувањето на одлуката упати благодарност до советниците за конструктивната дискусија и поддршката при носењето на, како што истакна, реален, внимателно планиран и одговорен буџет.
Според структурата, најголем дел од средствата се наменети за тековно-оперативни расходи во износ од 375.399.658 денари или 81 отсто, додека за капитални инвестиции се планирани 87.624.342 денари, односно 19 отсто. Основниот буџет изнесува 162.138.592 денари (2.636.400 евра), при што 54 отсто се наменети за тековно-оперативни расходи, а 46 отсто за капитални расходи.
-Буџетот на самофинансирачки активности е планиран на 27.008.000 денари (439.154 евра), од кои 95 отсто се тековни расходи, а 5 отсто капитални. Буџетот на дотации изнесува 249.973.484 денари (4.064.609 евра), со доминантни тековно-оперативни расходи од 97 отсто, додека буџетот на донации е во износ од 23.903.924 денари (388.682 евра), информираа од Општината.

Градоначалникот Ружински истакна дека со ваквата распределба на средствата, фокусот е ставен на проекти од суштинско значење за граѓаните – подобрување на патната и комуналната инфраструктура, инвестиции во образованието, поддршка на спортот и културата, социјалната заштита, како и мерки за заштита на животната средина. Воедно, нагласи дека посебно внимание ќе се посвети на рационално и домаќинско трошење на буџетските средства.
Буџетот за 2026 година, како што беше посочено, е развоен документ кој произлегува од реалните потреби на граѓаните и е креиран врз основа на анализи, предлози и приоритети добиени преку директна комуникација со локалната заедница – форуми во заедницата, јавен повик до невладини организации, онлајн предлози и бројни неформални средби, истакна Ружински.
Потенцира дека во наредниот период ќе се залага за транспарентна и отчетна реализација на буџетот, со редовно информирање на јавноста за текот на проектите и трошењето на средствата.
- Верувам дека со заеднички напор, соработка и одговорен пристап, овој Буџет ќе овозможи стабилен развој и конкретни резултати, кои ќе бидат видливи и почувствувани од сите граѓани на Општина Берово, истакна градоначалникот. вс/мд/
Фото: МИА