• четврток, 04 декември 2025

Ураганот „Мелиса“ ослабе на четврта категорија, но штетата на Јамајка е катастрофална

Ураганот „Мелиса“ ослабе на четврта категорија, но штетата на Јамајка е катастрофална

Кингстон, 28 октомври 2025 (МИА) – Американскиот национален центар за урагани (НХЦ) објави дека „Мелиса“ ослабела на ураган од четврта категорија додека се движи преку северозападниот дел на Јамајка.

Во најновиот извештај, НХЦ наведува дека максималната брзина на ветрот сега изнесува околу 240 километри на час, што е пад во однос на 295 километри на час забележани пред околу три часа, кога ураганот стигна до копното како бура од петта категорија.

Шефот на НХЦ, Мајкл Бренан, изјави дека проценката на штетата предизвикана од ураганот „Мелиса“ на Јамајка би можела да трае со денови, па дури и со седмици.

- Можеби ќе бидат потребни денови или седмици за целосно да се опфати обемот на она што се случува сега и што ќе се случува во наредните часови, изјави Бренан за Си-Ен-Ен. Тој додаде дека прекинатите комуникации и расфрланите остатоци го отежнуваат пристапот до многу области кои се целосно изолирани поради ураганот.

„Мелиса“ ја погоди Јамајка како ураган од петта категорија со ветрови од 295 километри на час, што ја прави најсилна бура досега забележана во земјата. И додека минува преку островот, таа сè уште носи разорни ветрови, обилни дождови и опасни поплавни бранови.

Обединетите нации претходно ја нарекоа „Мелиса“ „бура на векот“, додека премиерот Ендру Холнес предупреди дека ќе предизвика „катастрофална штета“.

Климатологот Мајкл Тејлор за Си-Ен-Ен изјави дека, иако инфраструктурата во урбаните области како Кингстон значително се подобрила во последниве години, руралните и неформалните населби и понатаму се исклучително ранливи. Јамајканската електрична мрежа била под оптоварување уште пред ураганот да стигне до копното.

Се очекува ураганот „Мелиса“, кој како бура од петта категорија ја опустоши Јамајка, најверојатно ќе биде последен што го носи тоа име во Атлантскиот Регион, објавија метеоролозите. Имињата на тропските бури и урагани се користат повторно на секои шест години, освен ако некоја бура не предизвика толку голема штета или смртни случаи што името се повлекува од употреба. Со оглед на разорното влијание на „Мелиса“ на Карибите, се очекува името да биде пензионирано и заменето со ново што започнува со истата буква. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан