• петок, 22 ноември 2024

Универзитетот на ЈИЕ домаќин на меѓународна конференција за зајакнување на учеството на жените во претприемништвото и иновациите

Универзитетот на ЈИЕ домаќин на меѓународна конференција за зајакнување на учеството на жените во претприемништвото и иновациите

Тетово, 7 декември 2023 (МИА) – „Зајакнување на жените во Северна Македонија: Инклузивност и иновација во претприемништвото“ е насловена конференцијата која ја организира денеска Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) од Тетово, што е дел од проектот за поддршка на повеќе жени во претприемништвото и иновациите.

Конференцијата е поделена на повеќе теми – како жените да бидат поуспешни во претприемништвото, жените кои ја предводат промената во циркуларната економија и одржливиот бизнис и жените во технологијата.

Ректорот на УЈИЕ Абдулменаф Беџети смета дека државата е таа која треба да ги гради основите за да има жени претприемачи.

- Што треба да се прави, државата треба се повеќе да вложува во создавање на услови за да ја ослободи женската активна популација за да може да се занимава со ова. Значи ние немаме градинки соодветни во рурални средини, ние немаме геронтолошки центри коишто ќе се грижат за старите за немоќните лица. Кога ќе има, на тој начин ќе се ослободи женското население да бидат активно на пазарот на трудот, истакна Абдулменаф Беџети.

Конференцијата ја организира Фондацијата на УЈИЕ во партнерство Стопанската Комора на Жени и ХЕКИМА, организација од Словачка.

- Овој проект е позитивна агенда, се обидуваме да се фокусираме на позитивните агенди и можеме да видиме комбинација од повеќе позитивни аспекти за инклузија на жените. Жените се исклучително важни понекогаш и потценуван дел од општеството па овој проект има за цел жените и ранливите групи да ги вклучи во општеството бидејќи значително придонесуваат за оваа позитивна агенда која ја создаваме, истакна Хенрик Маркус, амбасадор на Словачка.

Дел од проектот на УЈИЕ е кампања на социјалните медиуми на национално ниво која ја нагласува важноста од зголемување на застапеноста на жените во полето на климатски интелигентни иновации и претприемништво.

- Она што го прави овој проект уникатен е тоа што поврзува три важни и интерактивни области: родова еднаквост, економски развој преку иновативно претприемништво и климатски паметни решенија. Проектот ги опфаќа овие области и придонесува за позитивни промени преку подигање на свеста, вклучување на приватниот сектор, градење партнерства со креаторите на политиките во јавниот сектор, пренесување на искуството на невладините организации и експерти од Словачка и програми за квалитетна поддршка. Како дел од овој проект, оваа година успешно поддржавме 19 стартапи предводени од жени преку програмата за инкубација насочена кон градење иновативни, одржливи и климатски паметни компании, изјави Авни Арифи од Фондацијата на УЈИЕ.

Статистичките показатели на Светската Банка од 2019 велат дека жените поседуваат 36 отсто од бизнисите во ЕУ, наспроти 29,4 отсто во Северна Македонија. ас/мд/

фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан