• понеделник, 04 ноември 2024

Унгарија бара одземање на европратеничкиот мандат на унгарскиот опозициски лидер Петер Маѓар 

Унгарија бара одземање на европратеничкиот мандат на унгарскиот опозициски лидер Петер Маѓар 

Брисел, 11 октомври 2024 (МИА) - Главниот јавен обвинител на Унгарија, Петер Полт поднесе барање до Европскиот парламент за одземање на пратеничкиот мандат на европратеникот и лидер на унгарската опозициска Партија за почит и слобода (ТИСА), Петер Маѓар, под обвинение за „кражба на телефон“ во ноќен клуб во Будимпешта. 

Според обвинението, на кражбата и претходела расправија меѓу Маѓар и друг гостин во ноќниот клуб. Врз основа на наводите за овој настан, Полт, кој е поранешен член на унгарската владејачка партија Фидес и важи за близок до премиерот Виктор Орбан, во септември покрена обвинение против Маѓар. 

Врз основа на барањето на Полт, кое вчера било доставено до Европскиот парламент, сега треба да започне постапка пред парламентарниот Комитет за правни прашања (ЈУРИ) за евентуално одземање на мандатот на Маѓар. По завршувањето на постапката, Комитетот треба да усвои извештај за неговите наоди, врз основа на кој европратениците на пленарна седница треба да решат за евентуално одземање на пратеничкиот мандат. По правило ваквите постапки траат со месеци. 

Доколку Европарламентот го прифати барањето за одземање на мандатот, унгарското Обвинителство ќе може да започне правна постапка против Маѓар. 

Маѓар е поранешен член на Фидес, која ја напушти партијата објавувајќи снимки за вмешаност на високи партиски функционери во манипулации со докази во случај за корупција, по што стана еден од главните критичари на Орбан. Тој и пристапи на десно центристичката партија ТИСА, која беше второпласирана на европските избори во Унгарија во јуни годинава. На овие избори Маѓар беше избран за европратеник, а во јули годинава и за лидер на ТИСА.  

Според последните анкетите на јавното мислење во Унгарија, ТИСА ужива поддршка на 36 отсто од гласачите, зад Фидес со речиси 43 проценти и далеку пред Демократската коалиција (ДК) со осум отсто. 

Во реакција на тужбата, Маѓар во објава на Фејсбук наведе дека „секојдневно го обвинуваат и половина државен апарат работи на тоа да биде покрената кривична постапка против него“. 

- Имам предлог: Ќе гласате Унгарија да се приклучи на Европското јавно обвинителство. И ќе се откажам од имунитетот во моментот кога ќе се приклучиме, доколку тоа се случи. Дали е тоа договорено, премиере? Ќе видиме кој, дали јас или вие, ќе оди во затвор на подолг период?, наведе Маѓар во објавата. 

Унгарија е единствената земја од ЕУ која не е дел од Европското јавно обвинителство, кое е одговорно за кривични дела поврзани со нарушување на финансиските интереси на ЕУ, вклучително и за злоупотреби на европските фондови. 

Запрашан што мисли за одземањето на имунитетот на Маѓар, Орбан дека тоа не зависи од него, туку од Европскиот парламент, додавајќи дека правната заштита за пратениците е важна и дека таа е „добра работа, која е потребна“. сп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан