Украинските одбранбени сили собориле шест руски крстосувачки ракети и 133 дрона
- Воздухопловните сили на вооружените сили на Украина денеска соопштија дека собориле шест руски крстосувачки ракети и 133 беспилотни летала.
Киев, 25 февруари 2025 (МИА) - Воздухопловните сили на вооружените сили на Украина денеска соопштија дека собориле шест руски крстосувачки ракети и 133 беспилотни летала.
Како што е соопштено, од почетокот на минатата ноќ Русите ја нападнале Украина со 213 ударни беспилотни летала „Шахед“. Нападите се извршени од правците на Орел, Брјанск, Курск, Приморско-Ахтарск.
Воздушниот напад бил одбиен од авијација, противвоздушни ракетни трупи, единици за електронско војување и мобилни огнени групи на воздухопловните сили и одбранбените сили на Украина.
Утринава беше потврдено дека шест ракети Х-101 и 133 беспилотни летала се соборени во регионите Полтава, Суми, Киев, Чернихив, Черкаси, Кировоград, Житомир, Миколаев и Дњепропетровск.
Една жена и две деца се повредени во масовен руски воздушен напад во областа Житомир. Во областа Обухив во регионот на Киев, 44-годишна жена е хоспитализирана со рани на ногата од остатоци од дронот. паг/
Фото: МИА архива