• сабота, 25 мај 2024

Украинските власти му одредија 60-дневен домашен притвор на митрополитот Павле

Украинските власти му одредија 60-дневен домашен притвор на митрополитот Павле

Киев, 2 април 2023 (МИА) - Украинското Министерство за  правда одлучи да му одреди домашен притвор од 60 дена на митрополитот Павле, старешина на манастирот Киевско-печерска лавра, крај Киев, чии монаси беа обвинети за врски со Москва и кои добија наредба да го напуштат манастирот.

„Истражниот судија одлучи, во рамки на прелиминарната истрага, на осомничениот да му одреди превентивна мерка куќен притвор во траење од 60 дена, до 30 мај “, соопштија од судот во Киев, надлежен за случајот.

Митрополитот поради мерката ќе мора „да носи електронски уред за следење“ и „да се воздржува од комуникација со сведоци во контекст на кривична постапка“, подвлече судот.

Неколку десетици верници, со икони во рацете, во текот на вчерашниот ден се собраа пред Киево-печерската лавра, голем манастир во Киев познат по своите златни сводови, во кој се наоѓа православна црква со историски врски со Москва.

Службата за безбедност на Украина (СБУ) соопшти дека митрополитот Павле е осомничен дека ја „оправдувал вооружената агресија на Русија против Украина и ги величел нејзините учесници“. Исто така, постои сомнеж дека „ја нарушил еднаквоста на граѓаните врз основа на расна и национална припадност и нивните верски убедувања“.

-Законот и одговорноста за кршење на законот се исти за сите, изјави шефот на СБУ, Васил Маљук.

Монасите во тој манастир припаѓаат на Украинската православна црква, која е обвинета дека е поврзана со Руската православна црква, чиј духовен предводник, патријархот Кирил, го поддржува рускиот претседател Владимир Путин и неговата инвазија на Украина.

Украинската православна црква тврди дека е лојална на својата земја, ја осуди руската инвазија и се прогласи независна од Москва.

Но, СБУ тврди дека некои во таа црква одржуваат блиски врски со Москва. За време на рациите нашле руски рубљи, пасоши и летоци со пораки од московскиот патријарх како доказ дека некои украински црковни функционери се лојални на Русија.

Манастирот Киевско-печерска лавра е во сопственост на украинската Влада, а агенцијата која ја надгледува ги известила монасите дека го раскинува нивниот закуп и дека имаат рок до среда да си заминат. сд/

Остани поврзан